Директорката на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, Каролина Симоновска, испрати јавно соопштение со кое на медиумите им забранува да се споменува нејзиното име и вели дека ќе ги преземе сите законски мерки ако некој ја спомеме во новинарски текст. На соопштението со нејзиниот личен став е ставен печат од Клиниката.
„Јас, д-р Каролина Симоновска, именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, под целосна материјална, професионална и морална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми. Особено во ниеден случај моето име и презиме и професионалност да бидат злоупотребувани на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми. Секоја постапка спротивна на горенаведеното претставува нарушување на мојот професионален, личен и морален интегритет и го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“, стои во писмената изјава од Симоновска, испратена откако изминатиов период имаше препукувања меѓу директорката и Лекарскиот колегиум на „Козле“, кои преку протестно писмо побараа оставка од Симоновска, поради нејзината одлука да ја разреши Веселинка Митровска-Јосифовска.
Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираат дека јавното соопштение на Симоновска претставува форма на јавeн притисок насочен кон медиумите. Ваквите објави, велат од ЗНМ, се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите.
„Ги потсетуваме сите носители на јавни функции дека, доколку имаат забелешки за објавени медиумски содржини, секогаш може да побараат исправка или демант. Исто така, на располагање им се и телата за саморегулација на медиумите, кои ја оценуваат етичноста и професионалноста на медиумските содржини. Оваа форма на јавни известувања е неприфатлива бидејќи создава атмосфера на заплашување и недоверба, што е спротивно на демократските вредности и јавниот интерес“, вели ЗНМ.
Реагираа и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Од таму ја потсетуваат Симоновска дека јавната функција за која е избрана е предмет на опсервација на новинарите и медиумите, и дека со самото тоа што прифатила да извршува јавна должност, прифатила и нејзината работа да биде под лупа на јавноста.
ССНМ ја осудува ваквата објава со забрана за користење на нејзиното име во медиумите и предупредува дека во неа има многу елементи на закана кон новинарите и медиумите.
„Ниту таа, ниту кој и да е избран и именуван функционер не може да забрани споменување на нивното име кога се работи за извршување на нивните функции, платени од парите на граѓаните. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници целиот случај го толкува како конкретна закана и попречување на работата на новинарите, и притисок врз независноста на медиумите, а избраните и именувани директори, па и државните органи кои ги поставуваат, ги потсетува дека ова е начин за наметнување цензура, а со неа се нарушува демократскиот амбиент во државата и се врши пресија врз колегите со несогледливи последици“, се вели во реакцијата на ССНМ.