Директорот на Заводот за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение „25 Мај“, Стевчо Соколовски, поднесе оставка од морални причини, информираа од Министерството за труд и социјална политика, по јавните реакции околу случајот со 13-годишната штитеничка на оваа институција, жртва на сексуално злоставување која морала да абортира откако забременила по силување.
Од Министерството велат дека продолжуваат да го испитуваат случајот.
„Комисијата веќе утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на Р.И. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето. Очекуваме МВР и ОЈО да преземат мерки согласно со нивната надлежност, со цел да се пронајдат и санкционираат лицата коишто ја злоупотребувале малолетната жртва“, посочуваат од МТСП.
Од Министерството уште еднаш напоменаа дека преку случајот на ова лице се покажуваат аномалиите на разрушениот систем на социјална заштита, кој покажува потреба од координација меѓу сите институции и воспоставување систем кој вистински ќе ги заштити децата од социјален ризик.
МТСП информира дека до средината на 2018 година, ќе започне трансформацијата на установите за згрижување деца во мрежа на мали групни домови, што би требало да овозможи индивидуален пристап кон секое дете, подобра грижа и значително намалување на ризикот од вакви несакани настани.