Директорот на Клиничката болница во Битола, Александар Обединковски, денеска ќе поднесе оставка од функцијата поради морални причини, пренесе Телевизија Телма.
Неговата оставка следува откако последниве 20-тина дена во Болницата почина шестгодишната Јана Христовска и новороденче.
Вчера во Битолската болница мајка на 24 годишна возраст го изгуби своето новороденче. Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој попладнето ја посети установата, најави дека денеска ќе биде испратена комисија инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за да утврдат како дошло до смртта на бебето.
По смртта на малата Јана на 22 март, во Битола и Скопје се организираа протести поради сомнеж дека смртта настапила како последица на лекарска негрижа. Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој изврши вонреден инспекциски надзор во Болницата, информираше дека не биле констатирани недостатоци во лекувањето на Јана. За овој случај надлежните институции водат истрага, а се чека извештај од обдукцијата за да се утврди причината за смртта.