Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), информира дека постапувајќи по службена должност, утврдила вознемирување врз основа на попреченост кон лицата со попреченост, сторено од директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, во областа на медиумите и јавното информирање.
Од Комисијата истакнуваат дека постапката била поведена откако стигнале реакции на повеќе здруженија на граѓани за дадена вознемирувачка изјава кон лицата со попреченост во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа од страна на Ангелов.
„Во споменатата емисија, Ангелов на прашањето на водителот на емисијата дали ќе се нафати на дебата со лицето Благојчо Георгиев, лице кое користи инвалидска количка, меѓу другото Ангелов одговара: ‘Јас како еве да речам да излезам со него на дебата? Утре на некој друг ќе му текне. Задутре на некој трет. Прво ќе се чувствувам валкано со човек во инвалидска количка да дебатирам’, се вели во одлуката за утврдена дискриминација.
Комисијата, согласно член 21, ст. 1, алинеја 15 од Законот за спречување и заштита од дискриминација одлучила да поведе постапка за заштита од дискриминација против Стојанче Ангелов за потенцијално сторено вознемирување врз основа на попреченост врз лицата со попреченост во област на медиуми.
Оттаму дополнуваат дека одлуката е донесена имајќи предвид дека посочената изјава е дадена од именувано лице од Владата на Република Северна Македонија, кое врши должност директор на ЦУК, на телевизија која се емитува на целата територија на државава, со истата е опфатен поголем број на лица, а емисијата сè уште е достапна и може во континуитет да предизвика продолжено вознемирување кај лицата со попреченост.
По спроведената постапка Комисијата утврдила вознемирување од страна на Ангелов кон лицата со попреченост врз основа на попреченост во областа на медиуми и јавно известување.
Комисијата во носењето на мислењето го зела предвид и фактот дека Ангелов врши јавна функција, па како таков има уште поголема одговорност во своите јавни настапи да се воздржи од ширење на вознемирувачки и дискриминаторски говор врз било која основа.
Во донесеното мислење Комисијата препорачала Ангелов да упати јавно извинување до лицата со попреченост за дадената изјава, најдоцна 30 дена од денот на приемот на мислењето и за тоа да ја извести Комисијата, а јавното извинување, Ангелов да го достави до ТВ Алфа.
„Исто така, на Стојанче Ангелов му се препорачува во иднина, на своите јавни настапи, да се воздржи од давање вознемирувачки изјави кои повикуваат, поттикнуваат и инсинуираат дискриминација врз било која основа“, велат од КСЗД.
Оттаму дополнуваат дека по приемот на донесеното мислење, Ангелов ја известил Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, дека во дадениот рок постапил по препораката и до ТВ Алфа доставил јавно извинување до лицата со попреченост.