Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрехесус, изјави дека било преурането отфрлањето на поврзаноста помеѓу пандемијата со Ковид-19 и евентуално создавање на вирусот во лабораторија.
Тој истовремено побара од Кина да бидат потранспарентни додека научниците го истражуваат потеклото на коронавирусот, а посочи и дека меѓународниот тим кој отпатува во Кина со цел да го истражат ова прашање се соочиле со проблем во добивањето на основни податоци.
Гебрехесус рекол дека постоел преуранет притисок да се отфрли теоријата дека вирусот можеби протекол од кинеската владина лабораторија во Вухан, со што практично го поткопа извештајот на СЗО од март во кој беше заклучено дека такво сценарио би било екстремно неверојатно.
„Јас сум имунолог, сум работел во лабораторија и такви несреќни случаи се случуваат. Такво нешто е често“, рекол директорот на СЗО пред новинарите.
Тој соопштил и дека СЗО се подготвува за целосно нова истрага за потеклото на вирусот, додавајќи дека се надеваат на подобра соработка за да се дознае што точно се случило.
Последниве месеци идејата дека пандемијата започнала во лабораторија и вклучува човечка вмешаност во создавање на вирусот доби кредибилитет откако американскиот претседател Џо Бајден во мај побара разузнавачките служби да ја разгледаат ваквата можност.
Кина на ваквите информации жестоко се спротивстави тврдејќи дека поврзувањето на земјата со лабораториско создавање на вирусот биле политички мотивирани, сугерирајќи дека вирусот можеби започнал да се појавува надвор од земјата. На годишната средба на министрите за здравство во СЗО, Кина имаше став дека истрагата за потеклото на Ковид-19 треба да продолжи во други држави.
Најголемиот број од научниците сметаат дека коронавирусот се појавил кај лилјаците, но никој со сигурност не може да каже кој е точниот пат по кој вирусот се префрла на луѓето.
„Потребни ни се информации, директни информации за тоа каква била ситуацијата во оваа лабораторија пред почетокот на пандемијата. Доколку ги добиеме сите податоци, тогаш ќе може да ја отфрлиме поврзаноста на вирусот со лабораторија“, рекол Гебрехесус.