Дисциплинска комисија ќе одлучува за случајот каде наставник натепа ученик

Формирана е дисциплинска комисија во О.О. У. „Панајот Гиновски“ во населба Бутел, која ќе одлучува како да се постапува во случајот каде наставник удира ученик, информираат од училиштето за Радио МОФ.

За инцидентот се дозна преку видео што го снимал соученик и било споделено на социјалната мрежа Тик Ток. На него се гледа како наставникот прво го удира ученикот, па го крева во воздухот.

Случајот е пријавен во МВР. Оттаму велат дека работат на расчистување на случајот.

„Извршен е разговор со лица поврзани со случајот и по насока на Јавен обвинител ќе биде доставен соодветен поднесок до надлежното обвинителство“, информираат од МВР.

Според Законот за основно образование секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и Конвенцијата за правата на детето.

„Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него“, се наведува во законот.

Осуда за инцидентот имаше и новиот градоначалник на Општина Бутел, Дарко Костовски, според кој малтретирање и изживување со децата не само што не е дозволиво, туку и треба најстрого да биде казнето. Тој најави дека ќе го расчисти случајот доколку институциите не го направат тоа.

„Видеото кое излезе на социјалните мрежи покажува како не смее да постапува еден наставник. Наставникот не само што го тепа детето, туку со ваквиот чин нанесува тешка траума на ученикот“, се вели во неговата реакција.

Побара од директорката на училиштето и МОН да преземат активности и покренат постапка за отказ на наставникот, а МВР и ЈО да отворат кривична постапка.

„Одговорност мора да има. На насилниците не им е местото во училиштата. Наставникот треба да образува и воспитува, а не да застрашува, малтретира и шиканира. Децата од училиште мора да излезат со знаење, а не со трауми“, истакна Костовски.

Во меѓувреме, од училиштето информираат дека ученикот продолжил да посетува настава.

Е.П.