„Викаат дека имаат срчи или како стакло да имаат во белите дробови“, објаснува пулмологот проф. д-р Дејан Докиќ во прилог на „360 степени“ за македонските пациенти кои се заразени од вирусот Ковид-19.
Македонија не ја одминаа најтешките форми на болеста, кои најчесто завршуваат фатално.
„Со практично крвавење и на некој начин распад на белите дробови“, претходно опиша министерот Венко Филипче на една од прес-конференциите, соопштувајќи смртен случај кај 31-годишен пациент со ковид-19.
Најкритичните пациенти се во вештачка, медицински контролирана кома и дишат со помош на механичка вентилација.
„Се надевам дека ќе почнеме да будиме некого и да имаме успех во лекувањето“, вели д-р Илир Демири од Клиниката за инфективни болести и фебрилни болести за „360 степени“.
Хоспитализирањето пациенти со коронавирус на Инфективната клиника во Скопје е секојдневие. Болничките соби овде се резервирани за оние со тешка и најтешка форма на заболувањето. Прогнози за текот на болеста се речиси невозможни, зашто состојбата кај заразените може за миг да се влоши.
Терапиите се индивидуални. Дел од пациентите ја примаат комбинацијата на антималарик со антибиотик, а дел – антиретровирусната терапија за ХИВ.
Шансите за преживување зависат од имунитетот на заразениот, како и од тоа дали и какви хронични болести има. Во продолжение, погледнете го целиот прилог на „360 степени“: