Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека по вчерашната голема трагедија во Кочани, каде во пожарот животот го загубија 59 лица и повредени се 169, превземени се повеќе мерки и активирани повеќе институции. Меѓу другото, утврдено е дека правното лице немало лиценца за работа за дискотеката, каде според проценките биле 500 лица на претходно продадени 250 билети.
„Издавањето лиценца е под належност на Министерството за економија. Од извршен увид во официјалниот Регистар – правното лице нема издадено важечка лиценца. Сопственикот при контрола приложил фалсификувана лиценца издадена на 13 март 2024 година“, рече Тошковски, објаснувајќи дека објектот бил регистриран за лесна индустрија и така работел 15 години.
Како што рече и државниот обвинител Љупчо Коцевски, Тошковски нагласи дека во објектот имало само два противпожарни апарата, немало излезни врати за евакуација, дека концертот на групата „ДНК“ се одвивал на диво, бидејќи немало писмен договор меѓу изведувачите и сопственикокот.
Допопнително информираше дека во полициска станица на СВР Скопје и СВР Тетово се приведени вкупно пет лица, со кои се обавуваат разговори со полициски службеници, меѓу кои е и еден поранешен министер.
„Во 18 часот, дадени се наредби за претрес во дом и службени простории на две лица, службеници во Министерството за економија. При извршени претреси одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција итн“, нагласи тој.
Министерот најави дека денес, 17 март, по наредба на јавен обвинител „ќе се врши претрес во дом и патничко возило на сопственик на дискотека и во службени простории на книговодствено биро на одговорното лице“.
Исто така, веќе приведени се 13 лица во полициска станица во СВР Штип.
„Приведен е неформален сопственик на дискотека, продавачот на влезници, четири лица од обезбедување, управител на агенција за обезбедување на подружница, сопственик на објект на дискотека, три лица од државен пазарен инспекторат, едно лице од трудов инспекторат и уште едно лице кое било поврзано со настанот. По превземени мерки, на 11 лица им е одреден притвор во траење на 48 часа по член 292 – ‘тешки дела против општата сигурност’, во врска со член 288 – ‘предизвикување општа опасност’“, посочи министерот.
Во врска со пиротехничките средства во дискотеката, по завршување на увидот и форензичката анализа, како што рече Тошковски, ќе биде доставен извештај до Јавното обвинтителство и потоа тој ќе достави барање до МВР за утврдување нивна категорија, по што дополнително ќе се утврди дали е потребно да се поседува соодветен сертификат за нивна употреба.
„Од извршен разговор со член на ‘ДНК’, утврдено е дека пиротехничките средства – прскалките, во дискотеката ги донел бендот. За жал, лицето кое било задолжено за нивна употреба е починато“, рече Тошковски.
Инаку, во однос на локацијата на настанот, тој кажа дека увид бил ивршен и се’ уште го врши тим на јавни обвинители, асистирал Оддел за форензички испитувања од Министерството за внатрешни работи, а биле вклучени и други надлежни институции. Притоа, за целиот случај напревена е координација со Центарот за управување со кризи, Јавното обвинителство и сите други надлежни институции.
Повтори дека вчера во 17 часот започнал транспорт на телата на починатите до Инстутутот за судска медицина, каде според досегашните информации ивршена е обдукција на 15-ина лица.
„Истовремено, согласно добиените податоци, во критична состојба се вкупно 45 лица, истите се транспортираат во странство во соодветни здравствени установи. Владата прави напори максимално да овозможи услови за нивно соодветно згрижување и лекување“, рече Тошковски, заблагодарувајќи се на меѓународните пријатели што понудиле помош.
Бојан Шашевски