Корисниците на дрога и заразените од ХИВ се дискриминирани во македонските учебници, покажува анализата на коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ која беше промовирана на Филозофскиот факултет во Скопје.
Анализата е изработена од Ана Мишковска-Кајевска, социолог, Наташа Бошкова, адвокат и Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ, доктор на психијатрија. Во неа биле опфатени 22 учебници кои се анализирале во однос на постоењето на хомофобичните и сексистички ставови .
„Генералниот заклучок во сите учебници кои јас ги анализирав е дека се користат проблематични термини, кои самите се стигматизирачки и дискриминаторски и вознемируваат цела една заедница која себеси не се доживува и идентификува со терминот кој најчесто ги означува. Современата правна и јавно здравствена литература воопшто не соодветствува со она што ние го најдовме во учебниците кои беа анализирани. Многу е важно кои термини ќе ги употребуваат идните професионалци, кои во иднина ќе работат во правниот систем“, вели адвокатката Наташа Бошкова.
Таа смета и дека е особено важно овие професионалци да се едуцираат со точната правна терминологија, која не ги повредува човековите права.
„Она што го видов во книгите само ми го потврди она што секојдневно го гледам во пракса во полицијата, обвинителството и судовите – дека органите за спроведување на законите всушност ги третираат корисниците на дроги како криминалци“, додава Бошкова, која забележува дека во учебниците се користи застарена литература.
Психијатарот Гајдаѕис-Кнежевиќ, која ги анализирала учебниците од областа на психологијата за медицинските факултети, смета дека многу често се користат термини кои се етикетирачки и стигматизирачки кон корисниците на дрога и заразените од ХИВ.
„Меѓу луѓето кои се корисници од дрога има и многумина кои се успешни на семеен и професионален план, и не секогаш тие се „општествено девијантни личности“, на што упатуваат учебниците кои се користат во високото и средното образование кај нас“, забележува таа.
Според Гајдаѕис-Кнежевиќ, за осуда е и генерализацијата која се користи во стручната литература, во случај кога тврдењата не се поткрепени со бројки и факти. Описите во книгите често упатуваат и на тоа дека овие лица се опасни за околината, и треба да бидат изолирани од општеството, смета таа.
Социологот Ана Мишковска-Кајевска пак е загрижена бидејќи, како што вели, поради вакви учебници, дури и луѓето со прогресивни сфаќања и идеи, се во состојба и самите да користат говор на омраза полн со стереотипи и предрасуди.
„Шокантен е степенот на дискриминација и стигматизација во учебниците од кои учат студентите овде“, вели Мишковска-Кајевска, која своето образование го завршила во странство.
Содржините во учебниците се анализирани пред сé од аспект на начинот на кој е претставено користењето на дроги и живеењето со ХИВ, информациите кои се нудат и изворите кои се користат, наведуваат од Коалицијата. Додаваат дека целта на оваа анализа е да апелира за итни измени во содржините на учебниците и учебните помагала од средното и високото образование кои содржат, од повеќе аспекти, несоодветни содржини поврзани со користењето дроги и живеењето со ХИВ. Цел на анализата е да влијае врз подигнувањето на свеста на општата јавност, но пред сè праќа јасни препораки и барања до авторите на учебниците и надлежните институции за итни измени на наставните материјали.