Вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи дискусија со претставници на локална самоуправа, граѓански организации, индивидуални активисти и станари а потоа и музички перформанс со Мухамед Ибрахими, во дворот на Железничката зграда во Скопје.
Повод за настанот е и договорот за соработка помеѓу Општина Центар, Заедницата на станари во Железничка зграда и ФР~У. Договорот предвидува услови на користење и ставање во функција на киното во железничка зграда.
Говорници на настанот ќе бидат градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, станарите од Железника зграда, Слободан Кочевиќ и Томе Каревски како и граѓанските активисти Филип Јовановски, Симона Димковска и Марија Гелмановска (Здружение Културно Ехо) и новинарот и граѓански активист Бојан Шашевски (Радио Моф). Мухамед Ибрахими ќе има музички перформанс по завршувањето на дискусијата.
Целта на овој јавен настан е да се изработи мапа на проблеми со кои се соочуваат станарите од оваа зграда со цел појасно и фокусирано да се комуницира со надлежните околу нивното решавање, како потребна помош и вклучување на локалната заедница во решавање на состојбата со киното во железничка зграда.Настанот е дел од проектот „Активни простори на заедницата за граѓански промени“ кој го имплементира Факултет за работи што не се учат, а е поддржан од Проект на УСАИД за граѓанско учество.
Изминатава година во рамките на овој проект беа направени истражувања и анкети со станарите со цел активно вклучување на локалната заедница.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.