Бројни меѓународни студии покажуваат дека се поголем број студенти и млади луѓе сметаат оти дигиталните технологии позитивно влијаат на нивното образование, го олеснуваат образовниот процес и пристапот до книжевниот фонд. Ваквите трендови влијаат и на младите во Македонија. Затоа се налага забрзана дигитализација во образовниот процес, но и отворање дигитални центри во библиотеките и на факултетите.
Ова е пораката од денешната панел дискусија „StartSmart“ за значењето на дигитализацијата во образованието во Македонија што се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
Притоа, беше промовирана и кампањата за отворање мултимедијален „StartSmart“ центар во Националната универзитетска библиотека, со поддршка на Компанијата Nestle, преку донација на дел средства од продажба на NESCAFÉ 3 in 1, и 2 in 1 производи.
На ваков начин, на младите и талентирани луѓе, ќе им биде обезбеден модерен и пријатен простор за учење, дружење и професионално напредување, што ќе им помогне да најдат и подобри прилики за работа.
„Дигитализацијата на книгите ја почнавме со цел се она што го чуваме во библиотеката да го направиме полесно достапно за корисниците, особено помладите. Тие денес имаат поинакви потреби за конзумирање на содржините на библиотеката. Модерните библиотеки треба да бидат во склад со дигиталните технологии и новото време“, рече Марко Цуцуловски претставник од НУБ Климент Охридски.
Дигитализацијата, според него, е особено важна за пристап до книги и материјали кои се културно наследство, кои се ретки, и не смеат да се изнесуваат од библиотеката.
Извор: МИА