Концептот за младински центри не е нешто ново. Таквите простори во кои младите можат да го поминуваат слободното време, да учат, да се дружат, да учествуваат на различни работилници се од големо значење за младите, сметаат младинските работници, кои вчера дискутираа на темата со претставници на Агенцијата за млади и спорт по повод Меѓународниот ден на млади.
Во моментов, функционални младински центри има само во три градови, но од АМС најавуваат отворање и во други градови низ државата. Тоа го предвидува и Законот за младинско учество и младински политики кој се уште не е „поминат“ во процедура. Имено, со Законот се предвидуваат младински центри во сите градови.
„Имавме голем број состаноци, средби каде што сите заеднички констатиравме дека фалат места низ државата кои ќе бидат едно катче за младите, каде пред се ќе се дружат, ќе разменуваат идеи, мислења, проекти, кои секако ќе делуваат, и што е најважно од се ќе бидат мобилни и ќе се здружуваат како со младинските организации, така и како млади меѓусебе“, изјави Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.
Тој вели дека постапката започнала пред месец и половина, а во средината на септември се очекува да започнат со работа младинските центри.
„Тоа значи дека ќе има нови вработувања, кои што пред се ќе бидат млади и ќе бидат на начин и постапка на која што исто така заеднички ќе ја утврдиме. Да не ни се случи да бидат млади луѓе кои воопшто немаат ништо со делот на младинско учество, младински активизам, туку напротив да бидат млади, кои искрено и силно ќе се залагаат сето ова што денес го зборуваме, сето она што го зборувавме во изминатиот период да биде реалност, и сето тоа да ни помогне да го доживееме вистинскиот максимум од тие младински центри“, додава Каевски.
Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа, кој заеднички работат на овој проект со АМС, вели дека младинските центри кои ќе бидат основани треба да ги препознаат стандардите за квалитет и да работат по нив. Покрај тоа, смета оти треба да бидат вработени лица кои ќе ги исполнуваат компетенциите за да работат со млади.
„Имаме од минатата година портфолио за младински работници, кој што пропишува кои се тие лица кои што треба да работат во вакви објекти, вакви простори, во младински центри како професионалци кои што ќе работат секојдневно со младите“, додава Атанасов.
Агенцијата досега се фокусираше на спортската инфраструктура, но Каевски сооппшти дека за првпат АМС ќе реконструира и гради нешто што е во делот на младинските политики. Најави дека следната година во Скопје ќе се отвори голем младински центар.
„Како АМС ќе изградиме нов голем младински центар, којшто ќе биде во функција на младите, којшто ќе има и мултифункционални сали, којшто ќе има и други елементи коишто ќе бидат дел, но секако повторно со една ваква широка, голема консултација, којашто и младинските организации, младите директно ќе бидат вклучени, се со цел и тој голем младински центар да ја доживее вистинската намена за којашто сите ние се залагаме“, дополнува Каевски.
Објаснувајќи го концептот за младински центар, Атанасов вели дека Законот за младинско учество и младински политики, ваквите центри ги дефинира како сервиси за млади.
„Како што кажав, принципот кој што ние сега ќе го имплементираме во овие младински центри ќе биде некој кој ќе е комбиниран од оние што веќе се постоечки. Во Куманово постои ‘Мултикулти’ веќе 10 години, Кавадарци исто има историја на младински центри, на ‘Инфосега’ и на ‘Креактив’. Битола исто има Mладински културен центар кој што донекаде има слична динамика, еве и другите организации кои што се тука присутни, пример ‘Младиинфо’, ‘Крик’ во Скопје имаат младински центри“, вели Атанасов.
Идејата, според него, е да се научи од тие искуства и да не се затвораат младинските центри кои што веќе постојат, туку тие да се стандардизираат.
„Тоа значи дека оваа иницијатива би ги препознала обидите и она што е веќе постигнато, таму каде што има потреба би го подржало отворањето на нови младински центри, меѓутоа со учество и подршка од организациите кои што се релевантни, а таму каде што постојат младински центри ќе можат и понатаму да функционираат и да егзистираат. Идејата е да бидат препознаени“, објаснува Атанасов.
Атанасов најавува дека во следниот период, се планираат и фокус групи кои ќе бидат организирани со млади лица, за да ги прашат какви активности сакаат во младинските центри.
Ана Алибегова, директорка за програмски развој на „Младиинфо Интернационал“ го раскажа позитивниот пример за нивниот младински центар, кој постои веќе 7 години.
Според неа, младинските центри не треба да се само простории каде младите ќе се собираат, туку тие треба да се гледаат низ една поширока перспектива, односно во нив младите да градат едно чувство на припадност кон локалната заедница.
Во склоп на настанот, се одржа и панел-дискусија на тема Инклузивно и трансформативно образование, на која учествуваа Наташа Анѓелеска – Фондација отворено општество и Мартин Милошевски – Национален младински совет на Македонија.
Мартин Колоски