Дискусија: Слободата на изразување e загрозена од власта

Режимот на владеачката партија не дозволува во Македонија да царува слободното изразување, заклучија учесниците на денешната дискусија која се одржа во ГЕМ клубот, на која учествуваа новинарот Борјан Јовановски, Уранија Пировска од Хелсиншки комитет за човекови права, и активистите Никола Наумоски и Славчо Димитров.

По последните напади на критички настроените новинари и активисти, дел од говорниците потенцираа дека не само што се револтирани туку и се чувствуваат загрозени.  Велат дека кога единката ќе биде нападната на било каков начин и има загрозување по живот, институциите мора да превземат мерки за заштита, што не е случај во Македонија.

„Ние во моментов имаме речиси апсолутна окупација на медиумскиот простор од страна на власта. Имаме и институции коишто се под раката на власта и за кои не можеме да зборуваме дека се пристрасни па според тоа и не можат да им пружат соодветна заштита на луѓето  кои се попречени во изразувањето на својата мисла, во својот говор па и на медиумските работници да си ја извршуваат својата работа“, изјави Уранија Пировска од Хелсиншки комитет за човекови права.

Европскиот суд за човекови права во Стразбург, оценува дека во неколку земји во Европа постои опасност каде се злоупотребува моќта и власта за да се попречуваат правата на слободно изразување. Тие неколку европски држави, меѓу кои е и Македонија, се оценети како држави кои на медиумските работници во нивната земја, не им пружаат ефективна заштита и не ги наоѓаат сторителите кои извршиле напад врз новинарите и активистите при вршењето на нивната работа.

„Веќе подолги години добивам закани по живот уште од 2008/2009 година, меѓутоа не ни пријавувам повеќе како што правев порано, од причина што не наидував на одговор од инстуциите“, изјави активистот Никола Наумоски, според кој институциите во Македонија не ги носат пресудите на реален начин, раководејќи се според законите, туку на начин кој и одговара на власта. Вината според него, се бара во вистинската жртва, што не би било случај во вистински демократските земји.

Активистот за човекови права, Славчо Димитров кој беше физички нападнат од непознато лице на улица,  рече дека се чувствува директно нападнат од власта ако се земе во предвид контекстот на нападот врз него.

„Во последниве неколку месеци директно или индиректно беа нападнати новинари, активисти за граѓански права кои се со критичка мисла за сегашната владејачка гарнитура. Ова покажува дека нападите се диктирани од власта и секоја пријава во „МВРО-ВМРО“  е за џабе и нема да се добие вистинскиот исход“, вели Димитров.

Според Борјан Јовановски, на кого неодамна му беше испратен погребен венец во неговиот дом, ако се проследат реакциите за неговиот случај, се забележува дека ОБСЕ,  Европска Унија, Совет на Европа се веќе свесни за ситуацијата во која се наоѓа слободното изразување во Македонија.

Но според говорниците, клучниот проблем во Македонија не е правото на слобода на изразување и искажување на својата критичка мисла, туку правото на слободно примање и барање на информации. Научно докажано е дека развојот на луѓето зависи од квалитетот и квантитетот на добиените информации, па според тоа луѓето во Македонија се оставени да тапкаат во место со својот развој, заклучија дискутантите.

И.Ч.