Изминатата учебна година беше една од најтурбулентните, но и најстресните, како за учениците, така и за нивните родители и наставници. Наставнички штрајк, ученички бојкот на настава, бројни протести и маршеви, кампување пред МОН. На последниот ден од учебната година во Парламентот се менуваа Законите за образование, екстерното остана, математиката засега е тргната како задолжителен предмет на државната матура. Но останаа и казните за наставниците, единиците во свидетелствата, револтот од игнорантскиот однос на институциите.
Што научија учениците од годината што измина, за што протестираа и што добија наставниците, како одговорија родителите на притисоците упатени кон нив, но и што ќе се случува од догодина се само дел од прашањата во дискусијата „ Турбулентна учебна година – што направивме и што ќе правиме од септември?“
Дискусијата во Радио МОФ започнува во 13 часот, a гости во студио се професорот од скопската гимназија „Орце Николов“ Душко Стојановски, средношколката Симона Туфегџиќ, како и Ирена Јакимова и Јасмина Плунцевиќ – Глигоровска од Родителскиот пленум.
Радио МОФ, покрај аудио, ќе врши и директен видео пренос во живо од оваа дискусија посветена на средношколците.