Дистописки шлагери и вампирски серенади – премиерен концерт на „Трето колено“ во јавна соба во четврток

Во четврток (3 април) во Јавна соба ќе се одржи премиерен концерт на групата „Трето колено“ со почеток во 21 часот на бината на поткровјето во локалот.

„Кога се чини дека жанровите во музиката се исцрпени, свежина стигнува од подножјето на Пелистер и нуди сосема поинаков инструментално вокален каледиоскоп од фузијата на будните соништа на искусните Дејан Петровиќ – Чапе: вокал и гитараДејан Марковски – Деки: вокал и гитараПеце Трајковски – Брада: перкусии и хармоника. Во геометријата на битието, под сенката на Пелистер, во дом над облаците, три сродни набљудувачи на животот, ги сплетија своите огледани искуства во совршениот круг на сонот, каде се отсликани трите точки на времето: минатото, сегашноста и иднината. Дистописките рефрени на Чапе, сонливиот надреализам на Деки и политактниот погон на Брадата, ткаат современа смисла, како сенки на реалноста што раскажуваат во полумрак“, се посочува во најавата за концертот.

На концертот ќе бидат изведени 20 композиции, а публиката, како што е најавено, ќе има несекојдневна можност да проследи една поинаква концертна сценографија и да ги чита стиховите од бината и заедно со бендот да се нурне во новата музичка приказна.