Здружението Диверзити Медиа ја промовираше брошурата „Дебати_мкˮ, како производ од сите десет јавни дебати на различни и актуелни теми што ги организираше во периодот помеѓу април и септември 2013 година.
На промоцијата во Книжарница во Чаршија (Libraria e Çarshisë) беа присутни дел од панелистите на десетте јавни дебати, претставници од невладиниот сектор, како и членовите на Здружението Диверзити Медиа.
„Дебатата е формален натпревар на аргументи помеѓу два тима или поединци. Во поширока смисла, и што е уште поважно дебатата е основна алатка за развивање на демократијата. Најмногу, дебатата е начин на дискусија за оние кои што имаат спротивни ставови за контроверзни теми. Заштитен знак на дебатата е тоа што многу ретко завршува со усогласен став. Многу почесто овозможува подлабока анализа за одредено прашање“, посочуваат од здружението.
Целта на дебатата не е да се изнесат апсолутни вистини, туку да се создадат и проверат аргументите. На тој начин учесниците во дебатата можат подобро да ги разберат сопствените и туѓите ставови. Со тоа, дебатата ги поттикнува основните демократски вредности преку слободна и отворена дискусија.
Брошурата е овозможена со грант од програмата CIVICA Mobilitas, имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од SDC.
Од Диверзити медиа ги посочуваат и резултатите и иницијативи кои произлегоа од јавните дебати:
-Инициранo е Предлог законот за медиуми да го анализираат експерти од ЕУ;
-Предложено и прифатена нова средба на Економскиот совет во Куманово со повратниците од Ирак и Авганистан, кои би разговарале околу инвестирање во слободната економска зона. Три месеци по дебатата, општина Куманово на повратниците од Ирак и Авганистан им понуди земјиште во индустриската зона по цена од едно евро за квадратен метар.
-Иницирано преку една од пратеничките групи во Собранието на РМ да се побара активирање на неактивните комисии како контролен механизам.
-Иницијатива за измена на начинот на функционирање на локалната власт, преку регионално организирање и јакнење на општините. Изнесена е идејата за промена на Законот за локална самоуправа, со кој организирањето на општините ќе се одвива преку регионален концепт.
-По инцидентите на спортските терени, на дебатата посветена на спортот и инцидентите на меѓуетничка основа, беше предложено едукација на навивачките групи во странство. Вториот предлог беше прифаќање на концептот од Хрватска, каде е воведено легитимирање и регистрација на членовите на навивачките групи. Два месеци по јавната дебата, МВР предложи законски измени каде се предлага вградување на овие одредби.
-Кичево како печалбарски град да ги понуди капацитетите на иселениците и емоциите за татковината да ги трансформира во бизнис на домашен терен – беше иницирано на јавната дебата.
-Охридското крајбрежје е нападнато од урбанистичката експанзија, беше констатирано на јавната дебата во Струга. Едно од предложените решенија во вид на иницијатива беше формирање на експертско тело составено од архитекти, градежни инженери, урбанисти, екологисти и претставници на општината и археолози, кои ќе го разгледуваат секој градежен проект.
-На дебатата посветена на студентското движење во Македонија беше иницирана нова правна рамка, која би ги допрецизирала студентските организации. Беше иницирано преку законски измени да се создаде плурализам и во студентското организирање.