Вечерашната програма на „Војдан Чернодрински“ ќе за почне со претставата „Диво месо“ на Албанскиот театар од Скопје, а во режија на Мартин Кочовски која ќе се одигра во 17 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Улогите ги толкуваат: Бајруш Мјаку, Амернис Нокшиќи, Џевдет Јашари, Дритеро Аме, Ментор Курти, Сабина Мемиши Асланај, Рахим Рамадани, Арбен Расими, Генци Мирзо и Хетем Етеми.
Веднаш по изведбата ќе следуваат разговори на тркалезна маса, на која публиката може да сподели свои мислења за претставата.
Во 22 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се изведе претставата „Лекција“ во продукција на „Motion Network“ и Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип. Улогите ги толкуваат Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска и
Милорад Ангелов. Претставата е дел од придружната програма на фестивалот.
На полноќ на големата сцена на Центарот за култура ќе гостува Драмскиот театар „Стојан Бочваров“ од Варна, Бугарија. Претставата „Натчовек“ е според текст на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев. Олга Панго се погрижи за кореографијата, Филип Коруновски – за сценографијата, а котимограф е Раде Василев.
Во рамките на дневната програма на фестивалот, во 11 часот ќе биде промовирана книгата „Антигона“ од Славој Жижек во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат режисерот Борис Василески, преведувачот Марио Стојаноски и актерката
Ава Хусеини. Веднаш потоа ќе следуваат тркалезни маси за претставите „Едвард Втори“ и „Демонот од Дебар Маало“, што беа изведени синоќа.
Во 15 часот во бифето „Аура“, што е пријател на фестивалот, ќе се одржи промоција на книгите „Сон на јаве/За театарот од овој крај на светот“ од Варја Ѓукиќ и „Нов наратив“ од д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, двете членки на овогодишното жири на фестивалот.
Инаку, на досега одржаните тркалезни маси на фестивалот, покрај тоа што се разговара за претставите, се зборува и за состојбите во театарот, како да се подобри, што треба да се промени.
На разговорите на тркалезнaта маса за претставата „Ало! Ало!“ во режија на Синиша Ефтимов, а според британската ТВ-серија на Џереми Лојд и Дејвид Крофт, беа отворени прашањата за адаптацијата на текстот во наши услови.
„Колку ситуациите и дејството на сцената да се комични и фантазмагорични, ние сето тоа го живееме. Сакавме да направиме наша, автентична приказна и мислам дека во тоа успеавме. Измените имаат и факти и фикција. Како режисер, мојот повик е на публиката да ѝ овозможам два часа да ужива и да се забавува, рече Евтимов. Актерот Атанас Атанасовски кој го толкува ликот на Јорго кој води кафеана во центарот на Скопје, но е вовлечен во војната и ситуациите со отпорот, окупаторот и администраторот“, изјави Ефтимов.
Тркалезна маса имаше и за „Дупло дно“, уште една претстава од Авторот во фокус, Горан Стефановски.
Режисерката Наташа Поплавска се наврати на времето кога била студентка на Горан Стефановски и на советот дека е слободна да прави реконструкција на неговото дело и да го чита текстот во контекст на денешницата.
„Ја режирав и претставата „Фигура, венерис, хисториае“ на оваа сцена на која Горан Стефановски првпат видел како мајка му умира на сцена. За Горан прашањето е кој е жив…Ако со „Дупло дно“ го отвора ова прашање, во „Венерис“ го затворам. И затоа претставата „Дупло дно“ ја завршувам со репликата: Јас сум уметник, не припаѓам никому, стојам на работ на ништо – рече Поплавска, истакнувајќи ја соработката со одличните актери.
Во претставата настапува и композиторот Ристо Вртев, кој ја нагласи лесната соработка со актерскиот тим.
„Мене секоја нова претстава ме допира со уметноста, со автентичноста. Направивме органска целина. Со секоја нова изведба, претставата се обновува, расте. Реакцијата на публика е златната подлога на банкнотата“, рече Вртев.
На средбата со актерите од „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци во Скопје, модераоторот Милош Б. Андоновски издвои негови согледувања за претставата и сподели дека оваа претстава ја отсликува енергијата на ансамблот што ја носи.
„Таа е многу моќна, јасна и гласна претстава. Радува тоа што применуваат пристап на колективно авторство. Сите актери учествуваат во создавањето на текстот, покрај мотивите од романот на Мери Шели“, рече Андоновски.
Претставата исто така вклучува и рап песни изработени од Никола Ристески. Како автори на текстовите повторно се јавуваат актерите.
Актерот Никола Наковски сподели дека преку рапот и дијалозите толку многу теми се отвораат против дискриминацијата, што и се прашува колку всушност треба да трае претставата.
Фото: МТФ „Војдан Чернодрински