Општина Сарај нема да ги легализира дивите платформи на Матка, ама не може да ги урне бидејќи имаат барање за легализација, истакна градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, на денешната прес конференција.
Според Беџети, проблемот со трите бесправни објекти во вид на платформи на Матка е стар, а Општината известила за него.
„Не сум склон на легализација бидејќи мислам дека не ги исполнуваат условите за легализација, но сепак мора да ја зачуваме постапката”, рече Беџети кој додаде дека е убеден оти и понатаму ќе има „натегање за надлежностите во Матка“.
Градот Скопје пак ја охрабри Општината Сарај да постапи согласно со своите законски надлежности кога се во прашање дивоградбите. Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху рече дека Градот Скопје заедно со УНДП и МЖСПП изработуваат законски модели со кои ќе се заштити Матка и во еколошка и во економска смисла.
„Ова решение ќе овозможи заштитата на Матка и нејзиното управување да не зависи од градоначалникот на Скопје или од градоначалникот на Сарај, туку од почитувањето на законот. Матка е непроценлив потенцијал за целиот град, а особено за локалното население на Сарај“, рече Салиху.
Државната комисија за спречување на корупција веќе отвори предмет по кој ќе постапува по допрен глас за случајот Матка и најави деќа ќе бараат информации, односно документи од Општината Сарај. Во однос на случајот Матка одлучиле да постапуваат бидејќи, како што рече, институциите се прогласиле за ненадлежни.