ДИЖС: Државата треба да обезбеди средства за решавање на арсенот во Лојане и отпадниот гипс во Згрополци

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) врши инспекциски надзори и од извршените контроли на старите еколошки загадувања само го известува Министерството за животна средина, но нема други обврски поврзани со санирањето на жешките еколошки точки во земјава, пренесува „Мета“.

„Министерството треба да обезбеди средства овие локации да бидат прописно заградени и означени, како и да обезбеди средства и за нивна ремедијација. Инспекторатот ги посети депониите и во Згрополци и во Лојане и за двете депонии е подготвен извештај за состојбата на терен и тој е доставен до Министерството. Останува Министерството да ги обезбеди локациите бидејќи се опасни за животната средина, луѓето и добитокот кои се движат во околината“, изјави директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Сретен Стојковски на вчерашната прес-конференција.

Директорот Стојковски рече дека инспекторите вршат контрола и во „Југохром“ кај селото Јегуновце, но тука утврдиле дека Министерството за животна средина и просторно планирање се грижи за да функционира пречистителната станица каде што се пречистуваат отпадните води со шестовалентен хром од индустриската депонија во „Југохром“.

Тој додаде дека излевањето на отпадната вода од индустриската депонија во Јегуновце во реката Вардар се случува само во случаи кога има зголемени врнежи, а Министерството прави максимални напори за обнова на станицата во „Југохром“ и да се избегне загадувањето од шестовалентниот хром.

Мета.мк во изминатиов период пишуваше паралелно за жешките еколошки точки во земјава. Во Јегуновце опасноста произлегува од шестовалентниот хром што се наоѓа во индустриската депонија создадена од работењето на „Југохром“, додека во Лојане и Табановце опасноста демне од расфрланиот арсен на јаловиштето во рудникот „Лојане“ и до железничката станица во Табановце, кои претставуваа долгогодишен проблем за тамошните жители. И во близина на селото Згрополци, создадена е голема депонија од отпаден гипс, која што исто така чека на чистење. Впрочем, државата ја има преземено ваквата обврска за грижа за депониите по приватизацијата на индустриските капацитети – „Југохром“ од Јегуновце и Хемиската индустрија во Велес.

Мета