Индустрискиот отпад што вчера бил испуштен во реката Вардар и предизвика помор на риби доаѓа од „Арцелор Митал“, која од неодамна е преземена од „Либерти Хаус Груп“, соопшти Државниот инспекторат за животна средина. Од компанијата писмено известиле до Државниот инспекторат дека вчерашниот еколошки инцидент е предизвикан од нивна страна.
„Во работните простории на компанијата е дојдено до пукање поради што се излеал материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води, при што е предизвикано излевање на видно обоена црвеникаво-жолта отпадна вода во реципиент река Вардар во утринските часови на ден 22.09.2019 год. Сите наводи се констатирани со инспекциски надзор на лице место со Записник за констатација, по што во постапката ќе следи соодветно решение во законскиот рок, а по добивањето на деталниот извештај за причините кои доведоа до инцидентот, ќе се постапи согласно законските прописи и јавноста повторно ќе биде информирана за водењето на понатамошната постапка“, стои во соопштението на ДИЖС.
Оттаму направиле вонреден инспекциски надзор во комплексот на поранешна Железарница каде се и „Макстил“ и „ЕСМ-Подружница Енергетика“. Надзорите се извршени од два државни и еден помлад инспектор за животна средина, сите од Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата од скопскиот регион.
„Кај сите погоре споменати правни субјекти се изготвени Записници за констатација во инспекциска постапка, направена е фотодокументација, а од страна на субјектите е доставена дополнителна документација за потребите на надзорите“, соопшти ДИЖС.
***По објавата, со кусо соопштение се јави и компанијата „Либерти Хаус Груп:
„Либерти Скопје го пријави до надлежните органи техничкиот инцидент кој се случи на линијата Лужилница. Ние спроведуваме сеопфатна истрага за настанот. Тесно соработуваме со надлежните органи и претставниците на заедницата за да ја разбереме причината за инцидентот.“