Откако медиумите објавија, а во јавноста се појавија реакции за дипломатски пасоши на антикорупционерите, од Антикорупциска комисија тврдат дека дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право.
„Тоа е право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели“, се вели денешното соопштение на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Од ДКСК го цитираат и Законот за патните исправи на државјани на Република Северна Македонија, делот од член 11, во кој се вели:
„Дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државни органи; на дипломатско-конзуларни службеници вработени во Министерството за надворешни работи или упатени на работа во дипломатско – конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство;…“
Новиот состав на ДКСК мандатот го започна пред пет месеци односно на 8 февруари 2024 година. Досега и тоа во речиси тримесечен изборен период на двојни избори, велат тие, досега се затворени 21 предмет од областа на судир на интереси, потоа 61 предмет од областа на спречување на корупција, како како и 107 предмети од следење на имотна состојба.
„На седницата која е закажана во среда на 24 јули, ќе бидат разгледувани околу 150 предлог одлуки по оформени предмети од новиот состав на ДКСК“, стои во соопштението.
Истовремено, новиот антикорупциски состав го нарекува „популизам“ тоа што претходната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска одела со велосипед на работа, а останатите членови користеле јавен превоз.
„Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК. Дополнително поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението.
Од таму додаваат дека „иако според претходниот состав на ДКСК тоа се должеше на несоодветната работа на Јавното обвинителство можеби причините треба да се бараат во немањето на доволно аргументи, површноста и квалитетот на иницијативите“.
Што се однесува до темата службени автомобили, од Антикорупциската велат дека не испратиле барање за доделување на службени автомобили на членовите на ДКСК вклучувајќи ја и претседателката Татјана Димитровска.
„ДКСК како институција има потреба од службени возила и за истите ќе се бара соодветно решение, но потенцираме ниту се побарани, ниту ќе бидат барани одделни возила за членовите на ДКСК“, посочуваат од институцијата, откако претходниот состав на ДКСК го укина користењето службени автомобили.