Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), преку соопштение до јавноста, изразија загриженост од начинот на кој вчера се донесоа измените на Кривичниот законик со кои се намалија затворските казни за злоупотребата на службената должност и злосторничко здружување и се отвори можност за побрзо застарување на овие дела.
Антикорупционерите велат дека се изненадени поради брзото изгласување на законот, а Министерството за правда побарало од нив да достават мислење по Предлог-законот со рок за произнесување до 20 септември 2023 година.
„Со донесувањето на измените и дополнувањата на овој закон во Собранието на Република Северна Македонија, и тоа со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, односно на начин со кој не се дозволува широка јавна расправа, експертска дебата ниту анализа на последиците што ќе ги предизвика ова законско решение, сериозно се загрозува правната сигурност во државата“, велат од ДКСК.
„Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека со интервенциите во членовите 353, 353в и 394 не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив, се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание. Борбата против корупцијата и натаму ќе остане само декларативна“, додаваат антикорупционерите.
Со промените на Кривичниот законик се сменија делови од членот 353 каде што службените лица, кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, од досегашната казна од најмалку три години затвор, сега ќе се казнуваат со затворска казна од една до четири години, со што се поставува горна граница и се отвора можност за побрзо застарување на делата.
Дополнително во од Кривичниот законик се избриша ставот 5 од членот 353 во кој се предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата. Наместо тоа сега има став во кој стои дека „прибавената имотна корист се одзема“.
Во членот 353-в, кој ја опфаќа темата за несовесно работење во службата, се менува висината на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета. Наместо досегашните најмалку три години затвор, сега се пропишани од шест месеци до пет години затвор.
Ќе има и пониски казни за злосторничко здружување, па наместо досегашните казни од една до десет години затвор со промените за ова кривично дело ќе следува една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела. Дополнително, припадниците на ваквите злосторски здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години ќе добиваат најмногу до две години затвор.
Предложените измени вчера беа под жестока критика на експертската јавност. Од Транпаренси Интернешнл – Македонија рекоа дека измените се обид за „тивка амнестија“, додека од Блупринт групата за реформи во правосудството велат дека последиците од ваквите законски измени ќе бидат погубни за борбата против криминалот и корупцијата.