Книгата „Дневникот на Ана Франк“, која повеќе години била дел од лектирата во хрватските училишта, е исфрлена од списокот на задолжителна литература по хрватски јазик.
Книгата, заедно со повеќе современи автори и авторки од хрватската и светската литература, ја нема во новите наставни програми по хрватски јазик и литература по кои од следната учебна година ќе се изведува настава во училиштата во земјата.
Од хрватското Министерство за наука и образование соопштиле дека одлучиле ова дело да не се најде меѓу листата лектири во наставната програма за хрватски јазик.
Според Министерството пописот на задолжителна лектира е скоро ист во последните три години и поминал јавни и експертски дебати, а добил и позитивно мислење од Хрватската академија на науки и уметности. Од таму додаваат и дека бројот на наслови е смален од досегашната задолжителна литература што би дало многу поголема слобода на наставниците за избор на дела кои нивните ученици треба да ги прочитаат.
Поради исфрлањето на книгата на интернет граѓаните покренаа петиција со која ја осудуваат одлуката и бараат враќање на „Дневникот на Ана Франк“ меѓу задолжителната литература во училиштата.
„Дневникот на Ана Франк исчезна од пописот на училишната лектира. Не знаеме зошто исчезна, но знаеме дека ова дело е исклучително важно за сфаќање на тоа колку далеку може да оди човечкото зло во едно мрачно време. Сметаме дека Холокаустот не е тема која може да се прескокне во наставата по хрватски јазик. Бараме оваа книга да се врати меѓу лектирата“, порачале иницијаторите на петицијата.
Петицијата досега е потпишана над 3.600 пати.
Ана Франк во светот е препознатлива како симбол на детските жртви на Холокаустот. Таа својот дневник, во кој ги забележувала своите трагични доживувања, го пишувала во периодот од две години додека се криела од нацистите во Амстердам. Во 1944 година била пронајдена, уапсена и однесена во концентрационен логор каде починала.