До каде е отворањето на младинските центри

Пред еден месец во Кавадарци беше отворен општинскиот младински центар, обврска предвидена во Законот за млади, кој беше најавен како прв ваков центар кој работи според новите воспоставени стандарди. Иако отворен среде лето, центарот секојдневно е полн со млади луѓе кои се дружат, разговараат, учат и се информираат, објаснува координаторот Ѓорѓи Нанчев, кој не крие дека е изненаден од посетеноста на центарот.

„Како младински центар имаме различен спектар на работилници и активности кои им се на располагање на младите, како на пример работилници за видео, фотографија, музички работилници, драмско катче, активности за промоција на човековите права, за одбележување на празници и меѓународни денови, работилници за препознавање и сузбивање на говорот на омраза, спортски активности, општокорисни и волонтерски активности…“, набројува Нанчев.

Ова е еден од четирите центри чие формирање го помогна Агенцијата за млади и спорт, во соработка со Сојузот за младинска работа. Пандемијата малку го оддолжи неговото отворање, но откако беа релаксирани мерките, Oпштината го распиша огласот за избор на младинска организација која ќе го менаџира новиот центар. Беа избрани две, Креактив и Советот за превентива против малолетничка деликвенција (СППМД). И двете организации претходно имаа неформални центри во Кавадарци, но се соочуваа со бројни проблеми околу обезбедување на просторот, како и реализирање на подолгорочни и поголеми активности.

„Но, сега како општински младински центар уште на самиот почеток подготвивме шестмесечна програма која е одобрена од страна на Општината и поддржана финансиски со што е многу олеснето реализирањето на активностите, а во случај ако треба да се направи плус некоја активност надвор од програмата сега е малку полесно бидејќи се фокусираме само на тој дел. Уште една многу голема придобивка е тоа што основен предуслов за младинските центри е тоа со младите да работи младински работник или работник со млади, кој е обучен и има компетенции за организирање на такви активности“, објаснува Нанчев.

Најголем предизвик било да се види колку самата општина ќе се вклучи во целиот процес и колкав буџетот ќе издвои за активностите во самиот центар. Сепак е задоволен од посветеноста на општинските власти и советниците, независно на нивната партиска припадност.

„Јас лично како координатор на младинскиот центар во Кавадарци многу не се плашам дали ќе бидат скратени средствата ако се промени власта на општинско ниво бидејќи секое едно кратење на средствата го доведува квалитетот на спроведените активности. Односно тоа е за сите млади не е битно од која партија, тоа се млади од нашата заедница, некои од нив се во различни подмладоци кои исто така се волонтери во овој младински центар, а да не заборавам да кажам  дека сите подмладоци на партите се едни од најголемите младински организации  кои исто така можат да го користат просторот на младинскиот центар за користење или спроведување на некоја нивна активност“, вели координаторот од Кавадарци.

Кумановскиот младински центар чека да се соберат советниците

Во присуство на премиерот Зоран Заев, директорот на АМС Наумче Мојсоски и градоначалникот Максим Димитриевски, свечено беше отворен и младинскиот центар во Куманово. Сепак, месец и пол подоцна, младинските организации се уште го чекаат јавниот повик кој треба да го распише општината, за избор на организација која ќе менаџира со овој центар. Од Центарот за интеркултурен дијалог, ЦИД, појаснуваат дека општината е таа која треба да обезбеди од 50% до 70% од потребните средства за реализација на програмата во центарот, а избраната организација ќе треба да ги обезбеди останатите средства од други извори.

„Во моментов најголем предизвик во Куманово е тоа што сè уште нема јавен повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со младинскиот центар. Мора да се испочитуваат сите фази од процесот и секако многу значаен елемент за функционирање на младинскиот центар се и финансиските средства коишто општината треба да ги издвои за програмско работење. Веројатно и летниов период на одмори придонесува за пролонгирање на овие административни работи, но секако дека е возможно достигнување на стандардите за квалитет на младинскиот центар во Куманово и негово непречено функционирање. Ние сме оптимисти дека во скоро време младите од Куманово ќе имаат целосно функционален општински младински центар кој ќе биде одржлив“, велат од ЦИД.

Младински Центар Куманово

Општинскиот младински центар е сместен во просториите каде што претходно функционираше младинскиот центар „МултиКулти“. Станува збор за општински простор, кој дополнително беше опремен од страна на Агенцијата за млади и спорт. Од ЦИД се надеваат дека локалните избори кои се очекува да се распишат во октомври, нема да ги закочат процесите за вистинско отворање на центарот.

„Реално, знаеме дека изборите кои впрочем во нашата држава ги имаме често, знаат да бидат причина за одолговлекување на некои процеси, но се надеваме дека нема да настанат такви проблеми затоа што ова е веќе отпочнат процес и во финална фаза. Останува уште споменатиот чекор и потоа ќе преземе организацијата којашто ќе биде избрана на јавниот повик. Со доделените средства организацијата вработува минимум едно лице кое ќе биде дел од административниот тим на младинскиот центар и остатокот од средствата ги користи за спроведување на програмата, што значи дека општината не се меша во раководењето“ објаснуваат од ЦИД од каде додаваат дека и самите, како граѓански сектор се тука да бидат коректив на власта, да реагираат секогаш кога ќе увидат дека има пропусти или ветувањата не се исполнуваат.

Стандарди за работа на младинските центри

Со цел да се постигнат стандардите за работа на младинските центри, кои меѓу другото предвидуваат во нив да работат едуцирани младински работници, Сојузот за младинска работа за првпат спроведе четиримесечна обука за 14 младински работници, кои се стекнаа со сертификати за занимање – Работник со млади. Во согласност со член 22 од Законот за младинско учество и младински политики, младинските работници се одговорни за работа со млади во младинските центри што се основаат во соработка помеѓу општините и младинските форми на организирање.

Драган Атанасов, од Сојузот за младинска работа – СРМ беше еден од креаторите на стандардите. Сега смета дека е важно лица кои знаат да работат со млади да станат дел од центрите.

„И тоа на почеток може да биде предизвик, но има луѓе кои имаат завршено соодветно образование и образование од поврзани професии – така што ќе остане на организациите да се осигурат дека тоа се случува“, забележува Атанасов.

Тој е среќен што одредбата за формирање младински центри влезе како законска обврска.

„Младинските центри даваат нешто повеќе од она што го дава училиштето – места каде младиот доаѓа да се дружи, социјализира, да научи нешто ново“, додава тој.

Стандардите за квалитет на младинските центри го пропишуваат начинот на основање и функционирање на центрите, финансирањето и обезбедувањето персонал, но се осврнуваат и на начинот на составување на програмите според кои ќе работи самиот центар.

Со пилот проектот на АМС и СРМ е предвидено да се помогне во формирањето на младинските центри и во Пробиштип и Велес. Првично како општина се споменуваше и Битола. Оттаму, во одговорот кој го испратија пред два месеци до Радио МОФ, соопштија дека се во „фаза на изнаоѓање на простор за младински центар во координација со младинските здруженија на граѓани, кој соодветно ќе одговара на потребите“. Исто така информираа и дека во општинскиот буџет со ребалансот се испланирани 100.000 ден за програмскиот дел на младинскиот центар.

Надвор од проектот на АМС за формирање младински центри, беше креиран „Матично“, младинскиот центар во Општина Центар, но и таму допрва ќе се инсистира на спроведување на стандардите за работа.

Од сала за венчавки до младински центар – Радио МОФ во посета на „Матично“

Со Законот за младинско учество и младински политики, во јавноста попознат само како Закон за млади, е пропишано во рок од 5 години од неговото донесување, сите општини во Република Северна Македонија да формираат свои младински центри.

Ј.Ј.