До кога Ромките ќе плаќаат со својот живот поради немањето матичен гинеколог, реагираат активистки

Од Иницијативата на жени од Шуто Оризари преку соопштение реагираат во врска со последниот случај со починатата родилка и нејзиното новороденче. Тие апелираат на подигнување на јавната свест околу проблемот со немањето матичен гинеколог во Општината каде живеат од 8.000 до 13.000 жени во репродуктивен период.

Соопштението во продолжение ви го пренесуваме во целост:

„Во изминативе шест години Иницијативата на жени од Шуто Оризари по којзнае кој пат реагира поради немањето на матичен гинеколог во Шуто Оризари и алармира за квалитетот на репродуктивното здравје на Ромките од Шуто Оризари.

Заминувањето на матичниот гинеколог од општина Шуто Оризари во јануари 2020 година е огромен проблем за жените од оваа општина каде што бројот на жени во репродуктивен период е помеѓу 8.000 и 13.000. Во општина со најбројно ромско население, а воедно и популација со значително повисока стапка на доенечката смртност во однос на другите националности, повеќе од 6 месеци жените немаат пристап до матичен гинеколог, што директно се одразува на нивното репродуктивно здравје. Поради својот социо-економски статус и немањето пристап до матичен гинеколог, Ромките од Шуто Оризари не можат да планираат бременост, не можат редовно да ја следат бременоста и не можат да добијат навремена и соодветна здравствена заштита за себе и за новороденчињата.

Ова го потврдува и последниот случај со починатата родилка и нејзиното бебе, по кој белки ќе се освестат институциите дека е крајно време да изнајдат трајно решение и да обезбедат матичен гинеколог во општината. Засега случајот се сведува на контрадикторни изјави од страна на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК) во Скопје. Нејасни се околностите во кои е отпуштена пациентката која веќе имала болки кога се јавила за преглед. Според изјавите на семејството, по прегледот им било кажано пациентката да се напие вода, да си одат дома и да се јават повторно на преглед по неколку часа. Непосредно по заминувањето од клиниката, бремената жена почнала да крвари, по што настануваат компликации со фатален исход.

Овој случај остава сомнителен впечаток дека одговорноста за смртта на родилката и на новороденчето треба да се бара во институциите, системот или во човечки фактор!

Оттука, сериозно сме загрижени за животот на сите жени од Шуто Оризари и токму затоа го осудуваме индиферентниот однос на институциите за решавање на проблемот со матичниот гинеколог!

Јавно прашуваме дали случајот со починатата родилка од Шуто Оризари е соодветно третиран од страна на УГАК?

Ги повикуваме Државниот здравствен и санитарен инспекторат и  надлежните институции темелно да ги истражат причините за смрт кај родилката и нејзиното новороденче, а од Министерството за здравство бараме итно да изнајде решение за недостигот на матичен гинеколог и да обезбеди соодветна здравствена заштита за жените од Шуто Оризари, особено во услови на пандемија, кога здравствените работници на терциерно ниво се окупирани со ковид-19.

Во спротивно незаинтересираноста на институциите за овој долгогодишен проблем и немањето на слух за проблемот на Ромките ќе стане најдобар современ пример за системска дискриминација на ромската заедница!

Изразуваме сочувство до семејството на почината родилка и наша сограѓанка од Шуто Оризари и очекуваме јавноста целосно да биде запознаена со резултатите од истрагата за случајот!“, стои во соопштението на Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

*Иницијативата на жени од Шуто Оризари е неформална група на активистки од ромската заедница, која во рамки на своите активности врши теренски посети на жени и семејства  од Шуто Оризари и од други општини каде што живее ромско население, вршејќи едукации и информирање од областа на социјалната заштита како и антенаталната заштита и репродуктивното здравје и права. Нашата мисија се состои од унапредување на репродуктивното здравје на Ромките со оглед на нивните специфични потреби како маргинализирана група во општеството.