Добиен судски спор за битолска „Јавна соба“

Адвокатката Катерина Котеска објави за добиен предмет битолската „Јавна соба“.

Адвокатката истакна дека нејзината клиентка била изложена на срам со јавно објавување на интимни фотографии, за кои според адвокатката, клиентката преживеала голгота, а чинот наместо да се осуди, бил предмет на јавен потсмев.

Котеска нагласи дека обвинетиот ќе биде казнет, а жената ќе добие отштета.

„Докажавме дека никој не смее да ја злоупотребува довербата на никој, дека една ваква злоупотреба на доверба не е причина за пуштање скриншотови во инбокс и пишување по ‘шестопарачни’ портали, туку е нешто што уништува животи“, посочи Котеска.

„Телеграм“ групите за порнографија, каде се споделувани лични податоци и фотографии од жени и девојчиња, во последните две години никнуваат како печурки во земјава, но и во регионот. Токму откривањето на првата ваква група поттикна бројни протести и активистички акции.

Годинава во март, четиригодишна казна затвор добија обвинетите Дарко Костовски, основач и администратор на „Јавна соба“ и Михаил Пановски, администратор и модератор на групата.

Судот им пресуди за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.