Иако освои 200 милиони евра, парите нема да ги троши на скапи автомобили, јахти или раскошни куќи. Наместо тоа, добитникот на вториот најголем џек-пот „ЕвроМилиони“ ќе ја донира речиси цела сума за заштита на Планетата Земја.
Анонимниот жител на Франција, кој добивката ја освои во декември 2020 година, парите ќе ги подари на фондација која работи во сферата на заштита и ревитализација на шумите, зачувување на биодиверзитетот и грижа за стари лица, пренесе францускиот весник Фигаро.
„Играв само за време на големите џек-потови, со една единствена цел: најголемиот дел од сумата да ја одвојам за создавање на фондација“, објаснува добитникот на лотаријата во соопштение објавено на сајтот на Фондацијата. .
Тој веќе две години размислувал да покрене своја фондација преку која ќе доделува донации на болници. Сепак, конечно се решил парите да ги донира во Фондацијата „Анјама“, која го носи истото име со градот во Брегот на Слоновата Коска од каде потекнува мултимилионерот.
„За време на мојот живот во Брегот на Слоновата Коска сведочев за бројните камиони наполнети со исечени дрвја од шумите на Буркина Фасо. Тоа остана врежано во моето паметење“, рекол среќниот добитник на лотаријата.
Среќниот добитник рекол дека планира да продолжи да има мирен живот во целосна анонимност.
Добивката од 200 милиони евра е втора најголема во историјата на Франција. Во октомври 2021 Французин освоил нешто преку 220 милиони евра на истата лотарија.