Здружението „Заедно посилни“ по повод 1 декември, Светскиот ден на борба против ХИВ/СИДА, на 30 ноември во 20:00 часот во кафе-барот Кала организира добротворен настан и дружење.
За настанот свои уметнички дела (слики) имаат донирано повеќе јавни личности, меѓу кои Тијана и Тамара Тодевски, Кристина Арнаудова, Дани Димитровска, Лила Филиповска, Коста Петров, Дарко Лешоски, Бетмен Велит, Влатко Лозаноски, Виктор Апостоловски и други.
Делата на овие автори ќе бидат предмет на јавно наддавање. Настанот ќе го води Огнен Јанески, за музиката ќе се погрижи диџеј Зоки Бејбе.
Целта на настанот е заеднички придонес за поголема свесност за ХИВ во македонската јавност.
– Тоа е важно бидејќи во нашата држава сè уште е премногу ниска стапката на доброволно тестирање за ХИВ, а луѓето што живеат со вирусот неоправдано се соочуваат со дискриминација на секое поле. Наспроти тоа ХИВ-инфекцијата денес претставува една хронична состојба која успешно се менаџира со помош на достапна терапија, се разбира, доколку навреме се открие, велат организаторите.
Средствата што ќе се соберат од оваа аукција се наменети за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Здружението „Заедно посилни“ Скопје ги пренасочува овие средства за покривање на итни здравствени потреби или за помош на лица со ХИВ кои живеат во неповолни социјални услови.