По повод денешниот, Светски ден на ХИВ/СИДА, здружението „Заедно посилни“ организира добротворен настан – караоке забава со новинарот Огнен Јанески што ќе се одржи во барот „Сома“.
„Први декември е посветен на луѓето кои живеат со ХИВ и се одбележува во знак на борба против инфекцијата што е една од сè уште активните епидемии во светот. Се проценува дека до крајот на минатата година со ХИВ живееле 38,4 милиони луѓе во светот, од коишто 85% биле свесни за својот статус, а 75% примале антиретровирусна терапија. Наспроти тоа, во истата година само 66% од проценетите околу 550 лица со ХИВ во Северна Македонија биле свесни за својот ХИВ-позитивен статус, а 59% биле на терапија. Ова укажува дека нашата земја треба да вложи многу посериозни напори за унапредување на насочените програми за превенција и тестирање, за кои е докажано дека даваат резултати и се дел од националната програма за ХИВ“, велат од „Заедно посилни“.
Вечерашната добротворна забава ќе започне во 20:00 часот, а е отворена за сите заинтересирани. Влезниците се по цена од 250 денари.