Додека чека на формалното, филмот веќе зачекори во неформалното образование

Филмот може да служи како дидактичко помагало во формалната настава во основното и средното образование, а освен тоа има потенцијал да прерасне и во наставен предмет – сметаат филмолози и стручни лица кои веќе неколку години ја промовираат оваа новина во јавноста. Но, додека се чека на дискусиите меѓу различни засегнати страни за да се случи тоа, веќе се случуваат работилници и предавања во кои млади се запознаваат со филмот преку дискусија и критичко мислење.

„Дури и најосновните изрази – ми се допаѓа/не ми се допаѓа – се плодна почва за дискусија, оформување и изразување на мислење“, вели филмологот Дамјана Патчева која работи во „Филмската училница“ во склоп на Кинотеката на С. Македонија. „Филмската училница“ почна со часови во саботата (21 септември), а во текот на следните девет саботи ќе биде простор каде над 2.000 млади од скопските училишта ќе гледаат филмови и ќе разговараат за нивното значење, пораки и важност.

Зборувајќи за можноста филмот да се вклучи како помагало во образовниот процес, Патчева смета дека тоа е важно од повеќе аспекти.

„Ако развиете дискусија за определни теми преку заеднички споделеното искуство на гледање на филм, тогаш учениците се вклучени во процес на критичко размислување, справување со различни перцепции како и размислување за комплексни концепти“, посочува таа.

„Филмската училница“ годинава се случува по третпат, но сега во различен формат. Изборот на филмови го прави координаторот на филмската училница, Саша Станишиќ кој и ја осмислува и адаптира програмата на училницата според на возраста на децата. Филмовите се бираат и од кинотечниот архив, но како што вели Ивановска, ќе се прикажат и филмови од различниVoD платформи и филмски каталози кои се достапни.

Саша Станишиќ / фото: Филмска училница / Фејсбук

„Првиот дел од училниците овој пат ќе биде резервиран за изучување на филмските поми, изрази, теории, истории, додека пак во вториот дел учениците ќе се занимаваат со практичната работа – снимање, кадрирање, монтажа и сл.  Освен тоа, работата со филм и создавање на кратки филмчиња е еден вид предизвик за да се поттикнат овие млади луѓе да развиваат приказна, да се запознаваат со филмското раскажување и секако да ја развиваат својата креативност“, нагласува филмологот. 

Филмска писменост 

Концептот на филмска писменост во македонската јавност се актуализира од 2021 година, најмногу во рамките на Мрежата за медиумска писменост. Во склоп на оваа мрежа функционира работната група за филмска писменост која низ годините се обидува филмот да го вметне во неформалното основно образование, а прави напори тој да влезе и во формалната едукација.

Даниела Станковска Плачковска, координаторка на работната група за филмска писменост, која од 30 јули годинава е именувана за в.д директор на Агенцијата за филм, вели дека филмот на учениците може да им помогне полесно да разберат концепти, историски настани, а од помош е и за изучување странски јазици и за отворање кон различни перспективи.

„Едноставно филмот како визуелен фрагмент мотивира, дава информации, но служи и како катализатор за дискусија по одредена наставна содржина“, посочува Станковска Плачковска.

Важен сегмент од внесувањето на филмот во образованието, според неа, е поттикот и стекнувањето на преносливи вештини за учениците – како критички, креативни и културни и аналитички вештини за решавање проблеми.

„Способност да се биде свесен и љубопитен при изборот на филмови, компетентност критички да се гледа филм и да се анализира неговата содржина, кинематографија и технички аспекти, како и способност да се манипулира со филмскиот јазик и техничките ресурси при креативно производство на подвижните слики“ – дефиниција за филмска писменост од 2016 год. на Европската Комисија.

„Самата дефиниција и од теориски и од практичен аспект го истакнува естетското, но и културното и општественото значење, односно го штити филмот и кинематографијата како уметност, култура и богатство, но и ја нагласува нивната улога во културно, критичко и креативно описменување и учење, посебно кај децата и младите“, вели таа.

Филмски проекции за основци во рамки на Денови на медиумска писменост 2022 година / фото: Мрежа за Медиумска писменост / Фејсбук

Станковска Плачковска е магистер по културологија. Таа е авторка на книгата „Филм и филмска писменост“ што излезе од печат во мај оваа година. Меѓу нејзините главни заложби е и тоа филмот да добие своја форма на наставен предмет преку што учениците би можеле да се запознаат со неговата магија, а и со киното, кинематографијата и филмската култура општо.

„Секој поединец, без разлика на неговата социјална и култура припадност, сака и може да гледа филм, да го разбере и да разговара за него, не само како содржина или, пак, средство за комуникација, туку и како извор на информации, уметност, естетика. Сето ова говори за тоа дека воведувањето на филмот ќе обезбеди на забавен и разигран начин да се има прогресија во учењето, но и знаење“, истакнува таа.

Нејзината книга, како што вели, е еден вид рамка која дава јасност за поимот филмска писменост и јасно ја посочува потенцијалната вредност на филмот од образовен аспект. Од друга страна, книгата е патоказ кој информира дека вклучувањето на филмот во формалното образование не би било можно без креирање посебна, соодветна и курирана содржина за деца и млади.

„Содржина која ќе биде развиена во партнерство со образовниот, аудиовизуелниот и филмскиот сектор, училиштата, наставниците (група на истражувачи специјализирани за филм и ТВ продукција, култура, медиумски студии, како и психологија и педагогија)“, вели културологот.

Корица на книгата „Филм и филмска писменост“ / фото: Фејсбук

За филмот да влезе на часовите во основните и средните училишта се зборува уште од 2022 година. Но, процесот како што споделува нашата соговорничка, сè уште е во фаза на дијалог. За тоа разговараат повеќе засегнати страни, а се става акцент филмот да стане дел од основно образование.

„Јас лично сметам дека таа (филмската писменост н.з) треба да биде вмрежена со медиумската, а потоа и со дигиталната писменост при што природно ќе поттикнува креирање на сеопфатна стратегија за медиумска, филмска и дигитална писменост“, смета таа. Според неа, ваквиот пристап би го убрзал процесот за партнерство и меѓусекторски, институционални и граѓански акции и активности на ова поле.

Активностите би требало да се согласни потребите на децата и младите, а ги вклучуваат кината, архивите, филмските фестивали, јавните и образовни институции и сл.

Што е со другите градови? 

Во рамки на Деновите на медиумска писменост лани се одржаа неколку кино проекции во скопските кина наменети за скопските ученици. Освен тоа, тука е и „Филмската училница“ – програма која се води независно од мрежата за Медиумска писменост и работната група за филмска писменост.

Други иницијативи кои веќе шест години неформално едуцираат преку филмот се Патувачкото кино и програмата „ДокуНикулци“ на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Параванот на Патувачкото кино секое лето патува во различни региони од земјава при што посетува различни населени места каде се прикажуваат филмови. Во меѓувреме се отвора повикот за учество во „ДокуНикулци“ – едногодишна работилница за изработка на креативен документарен филм, на кој може да се пријават млади кои се интересираат за документарен филм. Работилницата започнува или на Патувачкото кино во јули или за време на „МакеДокс“ во август.

Патувачко кино во село Буково 2024 / фото: МакеДокс, Фејсбук

На овие средби, вели Сара Ферро, координаторка на „ДокуНикулци“, избраните млади се запознаваат со основите на документарниот филм, пишуваат рецензии и размислуваат за филмови кои би сакале да ги снимаат.

„Потоа, од септември тие продолжуваат со истражување и развивање на идеите. За сите идеи на докуникулците организираме презентација (пичинг) заедно со менторите и останатите членови на МакеДокс и заедно одбираме 3 најдобри идеи. Откако ќе ги одбереме трите идеи, учесниците се делат во тимови за работа на овие 3 филмови. Секој од нив може да одбере дел кој најмногу го интересира и сака да го учи, како камера, монтажа, звук, итн. Притоа ние секогаш ги охрабруваме оние чија идеја не била одбрана да продолжат да работат на неа и ги охрабруваме и поддржуваме доколку сакаат да ја реализираат идејата со помош на менторите и останатите учесници“, раскажува Ферро.

Следната фаза е продукцијата на филмовите, односно снимањето, а потоа доаѓа фазата на постпродукција, ондосно монтажата на филмовите. Премиерите на филмовите се случуваат на следното издание на фестивалот „МакеДокс“, во август.

Патувачко кино во село Буково 2024 / фото: МакеДокс, Фејсбук

„МакеДокс“ оваа школа на овој начин ја тера веќе со шест генерации млади. Во меѓувреме активно работи на едукција, обуки на професори и издавање прирачници за употреба на креативен документарен филм во формалното образование. Досега имаат издадено 7 прирачници и имаме обучено преку 140 професори од државата, од 62 училишта од 25 градови. Сега работат на имплементација на нова едукативна VOD платформа за наставници кои сакаат да едуцираат за критичко размислување, во средното образовани и која содржи преку 100 документарни филмови и наставни планови за работа на час со филм.

Ферро е на ставот дека филмот во време кога младите се константно изложени на аудиовизуелни содржини од секаков тип, да се понуди квалитетна аудиовизуелна содржина кај младите е од исклучителна важност. Во изминатите седум години, вели дека со смената на генерации – забележале многу промени во однесувањата и ставовите на младите.

„Една од најзабележителните промени е зголемената тешкотија во одржувањето на мотивацијата и фокусираноста во текот на целата година. Со порастот на содржините со кратки форми, кои им ги наметнуваат социјалните медиуми, многу млади луѓе се навикнати на брзо производство и моментално исполнување. Оваа промена доведува до заблуда дека филмот, може да се создаде брзо, како кратко видео за социјални мрежи. Реалноста на снимањето документарен филм, сепак, бара трпение, длабока рефлексија и разбирање дека филмот не може да се заврши за неколку дена, туку бара внимателен и постојан напор“, нагласува Ферро.

ДокуНикулци 2020 / фото: „МакеДокс“, Фејсбук

„Нашиот предизвик е да ги потсетуваме дека снимањето филмови не е само за финалниот производ, туку и за процесот – процес кој бара посветеност, упорност и, пред сè, трпение“ – Сара Ферро, координаторка на „ДокуНикулци“.

Сепак, и покрај овие предизвици, вели таа, секогаш постои група на млади кои длабоко се поврзуваат со занаетот.

„Наша цел е да им помогнеме повторно да ја откријат вредноста, да одвојат време, да се фокусираат на раскажувањето приказни и да дозволиме нивната страст да ги води низ едногодишниот процес на создавање на нешто значајно и нешто што ќе остане“, вели таа.

Даниела Станковска Плачковска смета дека работната група за филмска писменост, „Филмската училница“  и „ДокуНикулци“ имаат слична, ако не и иста цел која во овие години од нејасни прични сè уште не сугерирала заедништво или поврзување во акциите.

„Очекувам во периодот кој следи да се обезбеди посилна врска, но и акција од сите засегнати чинители (институции на централно и локално ниво, граѓански организации, филмски и аудиовизуелен сектор) во оваа област при што ќе се создаде соработка и помеѓу формалното и неформалното образование се со цел да се прошират конкретни активности и во другите градови“, вели таа, бидејќи како што истакнува, само преку соработка може да се одговори на образовните, технолошки, финансики, културни и правни прашања кои се предуслов филмот да влезе во училиштата.

Ангела Бошкоска