Доделени „инженерските прстени“ на најуспешните дипломирани инженери

12 најуспешни студенти кои дипломирале на факултетите кои имаат инженерски дисциплии го добија признанието „Инженерски прстен“.

Во име на новите добитници се обрати дипломираниот инженер Марија Грујоска која рече дека во животот важно е да се бориш да успееш, но уште поважно е кога навистина ќе успееш.

„Прстенот што денес го добиваме претставува поттик за сите идни генерации да ги изучуваат инженерските науки и да се вбројат во редот на инженери со кои заедно ќе го менуваме и олеснуваме начинот на живеење“, рече Грујоска во име на сите добитници на „Инженерски прстен“.

Признанието им го врачи Претседателот Стево Пендаровски, кој нагласи дека пандемијата на Ковид 19 покажала дека и покрај сиот техничко-технолошки развој што општеството го доживува, тоа се уште е ранливо.

„Јасно е дека треба нашите приоритети уште повеќе да ги насочиме кон образованието и науката. Комоцијата на потрошувачките општества ја потисна жедта за учење и знаење и ги релативизираше солидарноста, етичноста и постојниот систем на вредности. Како идни инженери вие треба да бидете фактори на промените и напредокот. Се надевам  дека ќе имате можност да создавате како идни архитекти, машинци, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери при што секогаш пред себе треба да ја имате мислата дека наша заедничка цел е да изградиме поправеден, похуман и поубав свет“, порача претседателот Пендаровски.

Признанието „Инженерски прстен“ го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, чија цел е да се поттикне изучувањето на инженерството со што ќе се придонесе кон создавање на квалитетен инженерски подмладок.

Професорката Христина Спасевска, претседателка на Инженерската институција на Македонија, истакна дека инженерството е значајна професија за одржлив развој на општеството и дека овие лауреати, штотуку излезени од студентските клупи, одлично завршиле едно поглавје и дека понатаму ќе бидат успешни.

„Секако значајно место во градењето на нивната кариера, но и на сите млади инженери имаат нивните професори, кои им покажале дека инженерството е професија што дава голема радост, затоа што започнувате дело што се создава во согласност со природните законитости, го обликувате и на крај, тоа му служи на човекот. Тие ги научиле да имаат критичко размислување, да работат во тим и бидат лидери, одговорни за задачата што треба да ја исполнат“, посочи Спасевска.

Признанието оваа година се доделува по 18-ти пат. Досега „Инженерски прстен“ добиле 190 дипломирани успешни инженери.