Доделени наградите „13 Ноември“ по повод 80. годишнината од денот на ослободувањето на Скопје

Град Скопје ги додели наградите „13 Ноември“ за придонес во развојот, севкупниот напредок и афирмација на градот, по повод одбележување на 80. годишнината од денот на ослободувањето на Скопје.

Добитник на наградата „13 Ноември“ од областа на науката е проф. д-р Драги Митревски за, како што велат, посебен придонес во истражувачката научна и едукативна дејност поврзанa со Скопје, како и со меѓународна афирмација и популаризација на културното и историско наследство на Скопје.

Од областа на науката, исто така, добитници се и Ана Мартиноска и Жарко Иванов за научната книга „Тажачките песни од скопскиот земјотрес во 1963 година (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ која, велат оттаму, претставува особено значајно остварување во областа на науката и книжевноста со обемна архивско документаристичка вредност врзана за Скопје и скопскиот земјотрес како еден од клучните мигови од културната меморија на градот.

Понатаму, од областа на публицистиката добитник на наградата е Реџеп Златку, за долгогодишни остварувања и севкупен значаен придонес во областа на публицистиката, новинарството и литературата во градот, Македонија и пошироко, посочуваат од Град Скопје.

Од областа на образованието и воспитанието, добитничка на „13 Ноември“ е Светлана Јосифоска за, како што истакнуваат оттаму, континуирани долгогодишни постигнувања во наставните и воннаставните активности и афирмација на градот.

Додека, од областа на културата наградата ја доби Toшо Филиповски за повеќе од триесетгодишна творечка и континуирана работна целина која ја покажува еволуцијата на македонската рок музика, како и на македонската култура, велат од Градот.

Од областа на уметноста добитник на „13 Ноември“ е проф. Симон Шемов за, како што посочуваат, повеќегодишни континуирани достигнувања и придонеси во развојот и промовирањето на ликовната уметност.

Од областа на здравствената заштита наградата „13 Ноември“ ја доби проф. д-р Никола Јанкуловски за „долгогодишен придонес во унапредувањето на здравствената заштита, особено во хирургијата каде со воведувањето на иновации во техниките се остваруваат значајни напредоци и со својата посветеност придонесува во унапредувањето на клиничките и во академските практики“.

Дополнително, од областа на социјалната заштита добитник на наградата е  Стоматолошки факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” (УКИМ) во Скопје за посебен придонес во заштитата и унапредувањето на денталната медицина, особено во доменот на бесплатни стоматолошки услуги за децата од социјално-ранливи категории, наведуваат од Град Скопје.

Од областа на техничката култура „13 Ноември“ им припадна на проф. Даме Димитровски – ментор на тим и Димитар Алжуровски – тим лидер, студент „за историско достигнување на тим од млади студенти кои самостојно проектираа, дизајнираа, конструираа и изработија сопствен тркачки автомобил во стилот на Формула 1“.

Меѓународно признание доби Кинга Нетман Мултановска за книгата „Варшава го исцртува Скопје“ што, како што велат оттаму, остава длабока трага во документаристиката за Скопје и дава посебен придонес за развојот на градот и неговиот севкупен напредок и афирмација во светот.

Исто така, добитник на наградата е и атлетичарот Дарио Ивановски, кој е спортист за 2024 година.

Дарио Ивановски ја доби наградата „13 Ноември“ – Спортист за 2024 година