Доделени наградите на „Beach Film Festival“ во Охрид

На петтиот ден од „Beach Film Festival“ во Охрид кој се одржа во неделата, 21 јули, беа доделени наградите за најдобар долгометражен и  краткометражен филм според жири комисијата, најдобар краткометражен студентски филм според публиката, наградата за најдобро актерско остварување, а во истите категории и посебно се споменаа одредени филмови.

Наградата „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм жирито ја додели на филмот „Милк“ (Milk) на Стефани Колк, а наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм беше доделена на „Како да бидеш човечко битие“ од режисерот Јоре Јанавичиуте.

Понатаму, актерката Џули Ледру од филмот „Родео“ (Rodéo) ја доби наградата „Стефан Сидовски Сидо“ за најдобро актерско остварување. Наградата за најдобар краткометражен студентски филм според публиката ја доби „Тивко возење“ (Quiet Drive) во режија на Сава Доломанов.

Исто така, посебно беа споменати „Пеликан“ (Pelican) од Николина Богдановиќ и Филип Хераковиќ за најдобар долгометражен филм, „Прошетката“ (The walk) во режија на Елеонора Венинова за најдобар краткометражен филм и актерот Либер Агостон од филмот „Дојде летото“ (Summer to come) за најдобро актерско остварување.

Годинава жирито за долгометражни филмови беше составено од Џулијан Генисон, Карла Шола, Агим Абдула и Џени Зилка. Додека пак, Ѓоко Симјановски, Веле Митаноски и Свето Стефановски одлучуваа за најдобар краткометражен филм.