Доделени наградите на „Браќа Манаки“ – Златната камера за кинематограф од Украина

Украинскиот кинематографер Валентин Васјанович годинава го доби највиското фестивалско признание на ИФФК „Браќа Манаки“-Битола, наградата златна „Камера 300“. Синоќа на гала-вечерта во Големата сала на Домот на културата во Битола, Васјанович беше награден за неговиот дебитантски филм како снимател и монтажер „Племето“.

манаки

Меѓународното стручно жири предводено од израелецот Ѓиора Бејач, едногласно ја донесе одликата при што беше соопштено дека филмот е совршен пример за поврзување на сценарио, режија, глума и монтажа и еден навистина нов пристап кон филмската камера.

Сребрената „Камера 300“ пак му беше доделена на Ричард Ленчевски, кинематографер од Полска, кој по трет пат освојува фестивалско одличје, додека Бронзената „Камера 300“ ја доби кинематограферот Ентони Тат Редклиф од Велика Британија.

На свеченото затворање на 35. издание на фестивалот македонскиот режисер Милчо Манчевски од страна Друштвото на професионалните филмски работници на Република Македонија ја доби наградата „Златна ѕвезда на македонскиот филм“, а филмот „Деца на Сонцето“ на режисерот Антонио Митриќески ја имаше македонската премиера.