Социјалното домување, состојбата во студентските домови во Скопје и потребата од инклузивно образование се дел од новинарските стории кои победија на новинарскиот конкурс „Гласник на невидливите“ што втора година по ред ја доделува Македонската платформа против сиромаштија.
Од вкупно 22 стории кои пристигнале на конкурсот, пет беа наградени со статуетка во форма на светилка, што значи дека со своите зборови овие новинари успеале да внесат светлина во животот на сиромашните и социјално исклучените.
Целта е промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, во кое се почитуваат граѓаните и нивното достоинство, како и оддавање благодарност на новинарите кои внимаваат преку нивното информирање да не се градат стереотипи и кои не се водат од сензационализам.
Една од наградените е Мирјана Мирчевска Јовановиќ од Канал 5 за својата сторија „Клучот на бравата е почеток на нов живот“. Таа преку лична приказна ја прикажува состојбата со социјалното домување во државата. Од жирито нагласија дека новинарката внимавала да не наруши ничие достоинство.
„На мошне едноставен начин ни преточува дека и невидливите за системот се со нас. Дека се дел од нас и огледало на нашето однесување. Преку зборови и фотографии, реално ни го претставува сето она што е наше секојдневие без патетика и сензација. Особено за почит е тоа што е истрајна во намерите и не се откажува додека не ја види и шрикаже разврската на приказната“, се вели во одлуката на жирито.
Мирчевска, пак, се заблагодари на довербата што граѓаните им ја укажале нејзе и на редакцијата.
Сториите обработуваат актуелни теми, со различен пристап и соговорници. За жирито е важно како во статијата се прикажани луѓето кои имаат искуство со сиромаштија. Тие не сакаат да се прикажани како жртви туку како активни граѓани.
Александар Манасиев од дигиталниот медиум „Види вака“ освои награда за својата сторија со наслов „593 лица живеат без документи“. За него, наградата е само поттик да продолжи да биде гласник на невидливите и на маргинализираните групи.
Друга сторија која освои награда е на порталот „Деца.мк“ и новинарката Весна Ивановска-Илиевска, која преку серија текстови на македонската јавност ѝ ја доближи приказната за наставникот Иле Михајловски од Свети Николе, кој посветено работи со дете со аутизам. На синоќешното доделување на наградите новинарката му ја врачи наградата токму нему.
Михајловски, пак, рече дека работата го препородила како човек.
„Целта беше да покажам на Министерството за образование и наука дека при измените во наставните промени треба да удри акцент на инклузивноста, а она што сакавме да го прераскажеме е дека ова не треба да биде единствената убава приказна за Свети Николе, туку треба да ја има во секое училиште, за секое аутистично дете, со Даунов синдром, Аспергеров…“, изјави тој.
Новинарката Милена Атанасовска Манасиева од „Факултети.мк“ ја доби наградата за својата сторија од студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје и за условите во кои живеат студентите, но и вработените.
„Се надевам дека нашите стории нема само да останат напишани туку и дека ќе водат кон промени, дека невидливите ќе имаат подобар живот и дека нештата во нашето општество ќе се променат“, спомна таа при своето обраќање.
Жирито едногласно ја избра сторијата на „360 степени“ на Никола Здравковиќ за злоупотреба при вработување на лица со хендикеп.
„Иако работниот наслов на сторијата е посветен на лицата со хендикеп, јас тука би направил измена. Овие лица не се со хендикеп, тие се наш репер. Додека ние пекаме за секакви работи, тие достоинствено и тивко чекорат низ животот, а со хендикеп се сите што не ги гледаат или се прават дека не ги гледаат овие лица и кои ги злоупотребуваат“, рече тој.
Покрај награди, благодарници за својот новинарски труд добија Александар Самарџиев, Петар Клинчарски и Сребра Ѓорѓиевска.
Овој проект се организира според искуство од Австриската платформа против сиромаштијата започната во 2010 година на иницијатива на новинарите и лица кои биле во сиромаштија. Награди со исто значење, но со различно име, се доделуваат и во Финска, Исланд, Унгарија, Романија, Хрватска и Србија.
Емилија Петреска