Австрискиот филм „Лилијан“ на Андреас Хорват e избран за најдобар на 18-тото издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, кој заврши синоќа со доделувањето на наградите.
Филмот следи руска емигрантка во Њујорк која откако ѝ истекува визата решава да се врати пеш во родната Русија. Според жирито во состав Маријана Гаивао, Кјара Катерина и Владимир Ангелов, филмот е „приказна за едно необично обземачко патување е врамена хируршки прецизнo, како и приказна за суровоста на природата минувајќи низ браздите на една скршена земја која не изгледа така оддалеку“.
Награда за најдобра режија доби Мехмет Акиф Бајакаталај – режисер на германскиот филм „Орај“, а за најдобро сценарио е награден „Душичка“ по сценарио и режија на Монија Медур (копродукција на Франција, Алжир, Белгија и Катар).
Од програмата „СинеБалкан“, награден е „Сестра“, втор филм на бугарската режисерка Светла Цоцоркова. Според жирито, филмот има „тематски пристап кој отскокнува од клишеата при раскажување балкански приказни.“
Во оваа програма е доделена и Специјална награда – за филмот „Куќата на Ага“ во режија на Линдита Зеќирај, „поради начинот на кој го третира проблемот со трговијата со луѓе, фокусирајќи се на вистината и идентитетот“.
Награда за најдобар студентски филм доби „Бела соба“ на Младен Станиќ, а Наградата за млади (Youth Cinema Award) која „Синедејс“ ја доделува во соработка со фестивалот „Џифони Македонија“ ја доби „Душичка“ на Монија Медур.
Годинава првпат се додели и награда за најдобра оригинална музика во филм. Жирито, составено од Дарија Андовска, Александар Пејовски и Влатко Галевски, одлучи да бидат наградени два филма – Специјална награда за филмот од Словачка „Со остар нож“ за музиката на композиторот Михаил Новински, а главната награда во оваа категорија му беше доделена на Туркман Суља, композитор на музиката во данскиот филм „Дански синови“.
„Синедејс“ синоќа заврши во кино Милениум со филмот „Зад хоризонтот“ – белгиско-француска копродукција во режија на Делфин Лереси. Во продукцијата на филмот, во кој главна улога е француската актерка Летиција Каста, учествуваше и „Кино око“ со продуцентот Роберт Насков. Снимен е лани во Битола со поддршка на Агенцијата за филм.
Фестивалот, изминатите девет дена беше домаќин на 97 филмски проекции, шест работилници, две промоции на книги, една изложба на фотографии и седум концерти.