Доделени наградите на „Синедејс“, „Тир“ прогласен за најдобар филм

 

„Златната ѕвезда“ за најдобар филм во официјалната конкуренција на 13. Фестивал на европски филм „Cinedays“, ја доби италијанско-хрватската копродукција „Тир“, на режисерот Алберто Фасуло.

Доделени наградите на „Синедејс“, „Тир“ прогласен за најдобар филм

Жирито во состав Кристин Долхофер, уметнички и генерален директор на повеќе филмски фестивали, Едоардо Винспеаре, режисер и продуцент и Лидија Мело, која е независен уметник, но предава и Филмска уметност на Универзитетот PUC Минас, вчеравечер (22.11) во кино Милениум ги соопштија наградените на годинешниот Фестивал на европски филм.

Наградата „Сребрена ѕвезда“ за најдобар режисер ја доби Шавкат Амин Корки, за ирачко-германската копродукција „Спомени во камен“.

„Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио му беше доделена на грузиско-украинскиот филм „Состаноци на слепо“, на режисерот Леван Когуашвили.

Во селекцијата Синебалкан, за најдобар филм беше прогласен српскиот „Исцелување“, на режисерот Иван Јовиќ, кој ја доби наградата “Златно сонце“. Специјални признанија добија филмовите „Бота“ (копродукција на Албанија, Италија и Косово) во режија на Ирис Елези и Томас Логореци и хрватскиот „Vis-a-Vis“ на режисерот Невио Марасовиќ.

Жирито за програмата Синебалкан го сочинуваа Нана Ѓорѓадзе, режисер, сценарист и член на Европската филмска академија, Ник Холдсворт, британски новинар и писател и Паоло Спина, италијански режисер и продуцент

И годинава селектор на 10-те филма во Oфицијалната селекција и на петте во селекцијата Синебалкан, беше Бернд Будер.

Наградата за најдобра филмска критика што „Cinedays“ ја доделува втора година по ред, ја добија двајца – Ана Поп Стефанија за рецензија на филмот „Песната на мајка ми“ и Васко Маглешов за рецензија на „Шумите се сè уште зелени“. Жирито во состав, Влатко Галевски, Ана Јовковска и Тони Димков беше исправено пред тешка задача со оглед на големиот одѕив на конкурсот. Наградените текстови и оние што влегоа во потесен избор ќе бидат објавени на веб-страницата на фестивалот.

Завесата на фестивалот беше спуштена со концерт на филмска музика во изведба на Македонската филхармонија, која изведе музика од познати филмски наслови, аранжирани и адаптирани од композиторот Сони Петровски. Концертот беше посветен на сликарот Милош Коџоман, кој во петокот почина по кратко боледување.