Доделени наградите од Македонската асоцијација на издавачи

На овогодишното издание на Саемот за книга, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) по петти пат ги додели наградите за достигнувањата во издаваштвото и во книжевноста во периодот меѓу двата саема. Комисијата ја сочинуваа писателката Елизабета Баковска, Дејан Џолев и книжевниот „влогер“ Александар Маџаровски  – Читачот.

МАИ додели награди во осум категории и тоа за најдобра едиција, најдобро ликовно-графички уредено издание,  најдобра книга за деца и млади, најкреативно издание,  автор на годината, поттикнување на општествената одговорност, специјално признание за промотор на читачката култура и иновативност.

Во категоријата „Признание за најдобра едиција“ биле пријавени шест конкуренти, а третото и второто место го доби издавачката куќа „Арс Ламина“ за нивните едиции „Во еден здив“, односно „Читанки“. Едицијата „Во еден здив“ го доби признанието поради интересниот нов концепт на претставувањето кратки раскази, а едицијата „Читанки“ поради вклучувањето на домашни и странски автори кои се изучуваат во основното образование.

Прво место освои едицијата „Громови“ на „Антолог“ поради концепциското поврзување на нефикционални дела со огромно книжевно значење.

Првата награда од „Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание“ ја освои книгата „Жолтата куќа“ од „ПНВ Публикации“ со илустрации на Андреј Павлов. Третото место го освои издавачката куќа „Три“ за изданието на „Кафка на брегот“ исто така со илустрации на Андреј Павлов, додека втората награда ја доби издавачката куќа „Арс Ламина“ за изданието „Мирко Немирко“ со илустрации на Ване Костуранов.

Во категоријата „Најдобра книга за деца и млади“ биле пријавени 19 конкуренти, истакнаа од МАИ.

Третото место во оваа категорија го освои издавачката куќа „Чудна шума“ за поетската збирка „Хор во задниот двор“ поради посебната мелодичност. Втората награда ја освои издавачката куќа „Арс Ламина“ за изданието „Мистериозниот град под калето“ на Авторката Александра Тодоровиќ. Првото место во оваа категорија го освои издавачката куќа „Чудна Шума“ за книгата за деца „Невидливата куќа“, збирка приказни кои се занимааат со искуствата на бегалците од источните земји.

Признанието за „Автор на годината“ го доби македонската писателка Румена Бужаровска, чија збирка кратки разкази „Мојот маж“ се здоби со седмо издание, додека збирката „Не одам никаде“ го оствари своето трето издание. Расказите на Бужаровска добија превод на повеќе европски јазици, а расказите беа инспирација за три регионални театарски претстави. Признанието го уважува и општественото влијание на писателката преку нејзиниот проект „ПичПрич“.

Третата награда во категоријата за „Најдобро издание“ ја освои „Антолог“ за книгата „Уципуци размислува надвор од кутијата“ на авторот Зане Зуста, додека втората награда ја освои „Чудна Шума“ за сликовницата „Тигар на улица“ на Билјана С. Црвенковска и Катерина Николовска. Првото место пак, го освои издавачката куќа ТРИ“ за изданието „Азбука“ на Венко Андоновски, која според комисијата, на креативен и имагинативен начин ја претставува секоја буква од македонската азбука преку различни приказни.

Признанието за корпоративно – општествена одговорност го освои издавачката куќа „Арс Ламина“ за својот проект „Марко Цепенков – одбележување на 100 годишнината од смртта“, со реиздавање на „Автобиографијата“ и „Силјан Штркот“, како и донирање на дел од изданијата на државните институции кои го носат името „Марко Цепенков“.

Авторката Билјана С. Црвенковска се здоби со признанието „Промотор на читачката култура“ поради сите активности за популаризација на книженоста за деца.

Добитник на наградата за „Најоригинално издание“ ја доби книгата „Viola arsenica; белешки за поезијата“, на академик Влада Урошевиќ. Книгата е заедничко издание на издавачката куќа „Готен“ и МАНУ.

„Признание за иноватоивност и уникатно решение во работењето“ добија две издавачки куќи кои го поделија првото место. Издавачката куќа „Антолог“ го доби признанието поради својата книжарница на тркала – „Зборче“, додека пак „Арс Ламина“ го освои признанието поради својата едиција „Македонски книжевни класици“, поради реактуализацијата  и реобјавувањето на македонските писатели Димитар Солев, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев и Петре М. Андреески.

И.С.