Делегацијата на Европската унија во Скопје и Здружението на преведувачи МАТА денеска ги доделија наградите од вториот конкурс за најдобар млад преведувач „Вавилон“ за 2015 година. Наградите се доделуваат по повод Европскиот ден на јазиците 26 септември, кој се одбележува од 2001 година.
Првата награда ја доби Кристијан Фидановски за превод на книгата „Бесрамност“ на Николо Аманити од италијански на македонски, втората награда е доделена на Зорица Петковска за превод на книгата „Бестрашност“ на Роди Дојл од англиски на македонски и третата награда на Сања Таневска за превод на книгата „Ваби Саби“ на Франсес Миралес од шпански на македонски јазик.
На настанот беше доделено и почесно признание за креативност во преводот за Зорица Петковска и Никола Ѓелинчевски на „Шиноморје“ на Том Миевил од англиски на македонски.
На вториот конкурс за „Вавилон“ се пријавиле 15 млади преведувачи на пет изворни јазици (англиски, француски, бугарски, шпански и италијански) и на два целни јазика (македонски и турски). Конкурсот е наменет за преведувачи до 26 години кои ќе пријават преводи на литературни дела од некој од 24-те официјални јазици на Европската унија на кој било од јазиците кои се зборуваат во Македонија.
Наградите се состојат од паричен износ од 500 евра, годишно членство во Здружението на преведувачи МАТА и објавување на преводот во списанието „Културен живот“.
На настанот беше промовиран и третиот конкурс за наградите „Вавилон“ за наредната година. Крајниот рок за прием на пријавите е 4 април 2016.