Во пресрет на одбележувањето 10 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски, денеска беа доделени наградите за најдобар есеј, на тема „Верувам во Македонија“, од конкурсот на Министерството за образование и наука, кој траеше од 28 јануари до 10 февруари.
Пристигнале 117 есеи инспирирани од делото на Трајковски, од кои 94 ги исполнувале критериуите и биле оценувани од комисија.
Првата и третата награда ја добија ученички од гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица, каде средното образование го завршил поранешниот претседател: Катерина Караманова (трета година) доби прва награда за есејот „Пиреј“, а матурантката Елизабета Муканова за есејот „Детелинка“ ја доби третата награда.
Втората награда и припадна на Марија Колевска, ученичка во прва година во средното скопско училиште „Михајло Пупин“, авторка на есејот „За Македонија“, пишува МИА.
Наградите, кои се состојат од таблет-компјутер, монографија за претседателот Борис Трајковски и паричен дел од 15.000, 10.000 и 5.000 денари, им ги врачи министерот Спиро Ристовски, а од име на фондацијата „Борис Трајковски“ им ги честиташе сопругата на Трајковски, Вилма.