Победник на натпреварот за најдобар ученички бизнис план за 2012-2013 година е Основното училиште „Јане Сандански“ од Струмица за бизнис планот „Донкас фарм“, а наградата изнесува 90.000 денари.
Второто место му припадна на СУ „Гоце Делчев“ од Куманово додека третото место го освои Средното економско училиште од Гостивар „Биохумуст Гост“, пренесе МИА.
Наградата за најдобра презентација ја добија учениците од СУ „Јосип Броз Тито“ од Скопје – Сара Миленковска, Вилдан Дрпљанин, Анастасија Стојчевска и Глигор Мицајков, кои воедно се и дебатери во Младинскиот образовен форум.
Овој натпревар се организира седма година по ред, а организатори се Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет во Скопје.
На доделувањето на наградите присуствуваше и премиерот Никола Груевски кој ги охрабри младите претприемачи и понатаму да ја развиваат својата креативност и иновативност.
„Иако за претприемништвото во светски рамки се зборува уште од поодамна, во последните три-четири децении тоа почна да се смета за движечка сила на економскиот развој, структурните промени и создавање на нови работни места, а со тоа и алатка во борба против сиромаштијата“, изјави премиерот Никола Груевски кој е покровител на натпреварот.
Тој додаде дека годинешниот натпревар е најмасовен досега и на него учествувале 49 бизнис планови од 19 градови во Република Македонија.