Македонскиот институт за медиуми ги додели наградите за најдобра истражувачка сторија. Од оваа година престижната награда го носи името „Никола Младенов“ .
Наградените новинари Љубиша Арсиќ, Кристина Озимец и Дејан Азески
Oваа година првонаградена беше истражувачка сторија за партиските вработувања. Во конкункенција од триесетина стории првата награда ја доби тимот на новинари од ТВ Алфа, Љубиша Арсиќ, Пандорче Антеска и Бојан Стојановски за серијата прилози на тема „Вработувања по партиски список“ .
Втората награда беше доделена на Дејан Азески за серијата текстови на тема „Масовното иселување од Македонија“ објавени во дневното и неделното издание на „Капитал“, а третото место на конкурсот за најдобра истражувачка сторија го делат Кристина Озимец за текстовите на тема „Каде испарија 635 илјади евра од тендерот за ИЗИС?“ објавени во дневното и неделното издание на „Фокус“ и Теофил Блажевски за сторијата објавена во неделникот „Граѓански“ на тема „Решавање на сметот бара знаење и пари-сто милиони евра за отпад“.
На новинарите Томислав Кежаровски и Саше Димовски им беа доделени пофалници.
Македонскиот институт за медиуми за поддршка на истражувачкото новинарство престижната награда ја доделува по 12-ти пат. Годинава биле пријавени 28 стории од 18 новинари, главно од печатените медиуми. Сториите беа оценувани од страна на стручната жири-комисија во која учествуваа Мирче Адамчевски-новинар, Билјана Петковска, директор на МИМ, Назим Рашиди, уредник на „Диверзити медиа“, Марина Тунева, предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавност и Ангел на Здравкин, сопственик на ТВ Здравкин позитивно го оцени квалитетот на пријавените приказни.
„Жири-комисијата позитивно го оцени квалитетот на сториите кои се однесуваат на различни теми кои отвараат и обработуваат различни важни прашања од политички, демографски, социјален аспект.Како забелешка можеме да наведеме дека новинарите не ги тераат приказните до крај, со што апелираме на поголема упорност и истрајност до крај за да има разрешница. Забележано е и отстуство на одредени информации од институциите до кои новинарите не успеале да дојдат, со што упатуваме апел на поголема отвореност, давање информации и соработка, “ истакна Билјана Петковска, директор на МИМ.
Наградените новинари се заблагодарија на нивните уредници за поддршката во правењето на приказните, се заблагодарија на прерано починатиот колега Никола Младенов кој беше пример за истражувачко новинарство во државата. Истовреме, упатија апел до сите засегнати страни во општеството за разрешница на сите откриени работи преку новинарските приказни.