Со прогласување на добитниците на наградите „Златен був“, синоќа во Кинотека се затвори главната програма на 9. Филозофски филмски фестивал.
Добитник на наградата „Златен був“ за Најдобар долгометражен филм според жирито е „Крадци на гулаби“/ Тhe Pigeon Thieves на турскиот режисер Осман Наил Доган. Топла приказна за пријателството и младешките страсти, погледната низ специфичната призма на културата на живеење во Анадолија – филмско дело преку кое Доган ја поставува прашалната дилема: „Што е добро, a што лошо? Дали можеш да бидеш добар со лошо однесување?“
Рускиот филм „Ноќен разговор со џелат“/ Night Talk With a Hangman и режисерот Јаков Сивченко се добитници на „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм според жирито. Се работи за краткометражно филмско остварување инспирирано од новелата на швајцарскиот драмски писател Фридрих Дуренмат (Friedrich Durrenmatt) „Судијата и неговиот џелат“ (The Judge and His Hangman) – темна филмска драма со благ призвук на криминалистички жанр нè води на ноќна прошетка со нашиот последен, неизбежен соговорник. Невообичаена сатира која покренува егзистенцијалистички прашања.
„Златниот був“ за Најдобар краткометражен филм според публиката, но и добитник на Специјално признание од жирито оди во рацете на узбекистанскиот режисер Шакир Холиков / Shokir Kholikov за неговото филмско остварување „Чај“ / Tea, фаворит на публиката и еден од фаворитите на жирито – топла узбекистанска приказна за тегобите на староста.
„Златниот був“ за Најдобар долгометражен филм според публиката оди во рацете не на еден, туку на шест режисери – Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов и Кристина Грозева, режисерската екипа која ја потпишува режијата на „8 минити и 19 секунди“, омнибус филм базиран на кратките раскази на Георги Господинов. Наративниот мозаик на „8 минути и 19 секунди“ ќе ги постави стожерните точки на овој исклучителен омнибус филм: чувството на смртноста, миговите пред самиот крај, нашето неизвесно постоење и стравот што доаѓа од сознанието за сето тоа.
Покрај филмот „Чај“ на Шакир Холиков, „Понеделник“ исто така е добитник на Специјално признание од жирито на португалскиот режисер Себастиао Салгадо, чиј филм по втор пат се наоѓа во Официјалната селекција на краткометражни филмови на Фестивалот.