Доделени новинарските награди „Никола Младенов“ за стории поврзани со корупција, незаконски постапувања и измами

Во рамки на заложбите на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) за поддршка на професионалното новинарство, денеска беа доделени новинарските награди „Никола Младенов 2024“.

Tимот новинари од емисијата „КОД“ ја доби првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс, за нивниот серијал истражувачки стории за тендерите во енергетскиот сектор, објавени на ТВ Телма.

„Истражувањето на тимот на „КОД“ обелоденува сериозно коруптивно постапување на државните институции при спроведување на тендери и набавки во енергетскиот сектор во милионски износи. Новинарите демонстрирале исклучителен новинарски ангажман и спровеле сеопфатно истражување поткрепено со факти и податоци со кои на јавноста ѝ откриваат како одредени функционери и фирми блиски до претходната влада ги злоупотребувале тендерски постапки“, соопштија од МИМ, по видувањата на жири-комисијата.

Втората награда за Најдобра истражувачка сторија ја доби новинарот Петар Клинчарски за серијалот текстови за Државна лотарија, објавени на веб-порталот на Радио Слободна Европа.

„Авторот Клинчарски, преку серија текстови открива незаконско постапување во Државна лотарија при закуп на нов деловен простор и тендерите што ги спроведуваше акционерското друштво во време на поранешниот директор. Се работи за темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и релевантни извори, што предизвикаа големи реакции во јавноста. Како епилог, Владата и Државна лотарија ги раскинаа договорите, а поранешниот директор и сопствениците на компаниите со кои се склучувале договорите се предмет на финансиски истраги“, велат од жири-комисијата.

Тимот на Истражувачката репортерска лабораторија ја доби третата награда за Најдобра истражувачка сторија за истражувањето „Украдени животи“, емитувано на МТВ1 и на веб-порталот на ИРЛ.

„Сторијата ‘Украдени животи’ разоткрива измами со брзи кредити, откако лични податоци на граѓаните протекле од државни институции и биле злоупотребени од организирани криминални групи од Македонија, Косово и Бугарија. Истражувањето прецизно ги отсликува последиците од потфрлањето на институциите да се обезбеди ефикасен надзор врз работата на финансиските друштва во земјата“, посочуваат од жири-комисијата.

Фото: ЗНМ

Наградата за најиновативен новинарски производ ја делат тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за новинарскиот проект „Мобилна редакција: Кичево“ и новинарките од емисијата „КОД“, Марија Митевска и Снежана Лупевска Созен, за видео сторијата посветена на обвинението за грабнувањето и убиството на малата Вања.

Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Ѓорѓи Личовски за фотографијата „Ловец на метеори“, објавена во германскиот магазин „Штерн“.

Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени на Мирослава Симоновска, Мери Јордановска и Антонија Јаневска, Билјана Николовска Тодорова, Александар Димитриевски, и на Александар Методијев и Сузана Мицева.

„На годинешниот конкурс што беше објавен на 22 јануари и траеше до 17 февруари 2025 година пристигнаа: 36 стории обработени во 185 текстови/видео прилози во категоријата Најдобра истражувачка сторија и 5 теми обработени во 12 текстови/видео прилози во категоријата Најиновативен новинарски производ. Воедно, 16 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија“, инфомираат од МИМ.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот Фокус, Никола Младенов.