Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за необјавен роман за 2023 година и промоцијата на победничкиот роман „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова, ќе се одржат на 16 април (вторник) со почеток во 19 часот во книжарницата „Литература“ во Дајмонд мол.
„‘Риба во(н) мрежа’ е роман за млади кој на хумористичен начин им пристапува на темите што ги допираат современите тинејџери, нивната зависност од мобилните уреди, мултилингвалноста како феномен на Генерација З и нивната зачуденост пред реалниот свет“, велат од издавачката куќа „Арс Ламина“ во чија организација е наградниот конкурс.
На настанот ќе се обрати жирито составено од Николина Андова Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.
„Според жири-комисијата, победничкиот роман се приближува до светските трендови за пишување литература за млади и би можел да го поттикне односниот жанр во македонската културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади“, истакнуваат од издавачката куќа.
Добитничката на наградата Матевска Атанасова е психолог кој досега има објавено осум книги, меѓу кои романот „Тамбовски снегови“ (2015), е-романот „Писмата во библиотеката“ (2016), психолошкиот прирачник „Јас во суперлаТИв“ (2021), збирката раскази „Три во тринаесет“ за која од друштвото на писатели Битолски книжевен круг ја доби наградата „Книжевен круг за проза“ за 2022 и сликовницата „Шарени ириси“ (2024) која е адаптирана и на Брајово писмо за слепи лица и лица со оштетен вид.
Инаку, ова беше петти по ред награден конкурс за најдобар необјавен роман на годината кој го организира „Арс ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, а на него се пријавиле и учествувале 36 ракописи.
„Покрај победничкиот роман, жири-комисијата ги разгледа во најтесниот избор и ракописите ‘Страшни приказни’ од Сузана Камберова, ‘Ночекувано’ од Ана Мовска (псевдоним) и ‘Интервенција’ од Игор Рамдедов, за кои жири-комисијата наведува дека се издвоиле од мноштвото по оригиналноста на содржината и по стилската изведба“, наведуваат од „Арс Ламина“.
Дополнително, на почетокот на минатиот месец се распиша конкурсот за наградата „Пегаз“ за 2024 година, кој ќе биде отворен до 1 јули. За него може да се конкурира со необјавени романи, за возрасни и деца, со испраќање на истите на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 2 септември 2024 година.
Самата награда е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.