Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека на електронска адреса на девет средни училишта во Скопје околу 9:45 била упатена закана за поставена експлозивна направа. Дополнително, околу 10:10 часот од НБРМ исто така било пријавено дека на електронската адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа.
Од МВР соопштија дека и за двата случаи, веднаш по добиените пријави биле преземени мерки за безбедно евакуирање и посочија дека во тек се антитерористички проверки.
Ова е по единаесетти пат да се пријавуваат дојави за бомби од 26 октомври па сѐ до денес. Досега дојави имаше само за училишта низ земјава, претежно во Скопје, а за првпат периодов е пријавена дојава за бомба и во друга институција.
Инаку, Министерството за внатрешни работи пред два дена поднесе кривична пријава за малолетник кој на 4 ноември, инспириран од претходни објави за поставени бомби, испратил закани за бомби до средни училишта.