Утрово околу 7 часот во полициската станица во Кавадарци било пријавено дека на електронската адреса на пет училишта, две средни и три основни била упатена закана за поставена експлозивна направа, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, посочија од МВР.
Ова е по вторпат да бидат пријавени дојави за бомби во училишта надвор од Скопје, откако во петокот беше пријавена лажна дојава за бомба во основно училиште во Крива Паланка. Од 26 октомври годинава, бројни училишта во Скопје девет пати беа на мета на лажни дојави за бомби. Последната пријава беше на 1 декември, кога осум училишта во Скопје добиле мејл дека во нивните објекти има поставени експлозивни направи.