Под мотото „Улици за луѓе“, утре (30 мај), Градот Скопје ќе организира Ден без автомобили на кој 12 часа затворена за автомобилски сообраќај ќе биде улицата „Васко Карангелевски“ во Аеродром.
Улицата ќе биде затворена од 8 до 20 часот, а на потегот од булеварот „Јане Сандански“ до крстосницата со улицата „Владимир Комаров“ ќе се случуваат различни културни активности за возрасните, но и за најмладите.
Од Град Скопје велат дека организирањето ваков ден без автомобили може да биде одличен пример за насоката во која што се движи Градот, со цел промоција на политиките за креирање одржлив сообраќаен систем, но и да даде можност граѓаните активно да се вклучат и да ги почувствуваат придобивките од хуманизацијата на урбаниот простор.
„Плановите за целокупната реорганизација на урбаниот транспорт во Скопје, пресликани во многу плански и стратешки документи, имаат голем потенцијал трајно да го подобрат квалитетот на живот во градот. Во таа насока, спроведувањето на проектот за брз автобуски превоз (БРТ), се очекува да донесе трајно намалување на употребата на индивидуални моторни средства, но за да го постигне тоа, граѓаните треба да се навикнуваат да ги оставаат своите автомобили дома, за почеток во деновите наменети за одмор и рекреација. Активностите кои го поттикнуваат ова, ќе ја зaцврснат довербата во политиките на Град Скопје и забрзано ќе ги донесат придобивките од тие политики што добро се набројани и елаборирани во Акцискиот план за Зелен град. Ваквите активности исто така одат во прилог на зацртаната цел на Град Скопје да се стекне со титулата „Зелена престолнина во Европа“. Таму, токму одржливата урбана мобилност е еден од дванаесетте критериуми и особено е нагласено дека Градот треба да се стреми кон преполовување на употребата на автомобили со конвенционални фосилни горива до 2030 година“, додаваат од Градот Скопје.
Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а вакви настани се организираат низ многу градови низ Европа и светот.