Откако Министерството за образование и наука оваа недела објави нов Конкурс за издавање учебници за прва година средно стручно образование, нè интересираше каков е квалитетот на постојните учебници кои се користат во наставата.
Ги прегледувавме само предговорите на учебниците кои се користат во средното стручно образование, достапни на интернет-страницата e-ucebnici.mon.gov.mk. Во нашата потрага баравме печатни и правописни грешки кои можеби им се „поткраднале“ на авторите, лекторот на учебникот, па и на Министерството за образование и наука, кое, секако, стои како издавач на секој од учебниците, додека Министерот ја одобрува употребата на учебникот во наставата.
За рекордер по правописни грешки, барем при нашата анализа, слободно може да се прогласи учебникот „Туристичка географија“, кој се користи во прва година за Угостителско-туристичката струка. Иако првиот пасус од предговорот почнува добро, текстот набрзо се разнишува преку испревртените букви во името на Министерството (или „Министреството“ како што стои во учебникот), а завршува со грешка на името на предметот, каде зборот географија е напишан „геиграфија“. Потоа се надоврзуваат неколку ситни грешки: од празни места пред точка, до голема буква пред која не постои точка или спојување на два збора помеѓу точка. Истовремено името на предметот некаде се пишува со голема, а некаде со мала буква.
Најпосле, на самиот крај, предговорот завршува со неколку рафални грешки – „кокретни“, „пишувњето“ и „натавното“.
На второто место, иако лесно би можело да се најде и на првото, ви го претставуваме учебникот по „Економска географија“, од кој учат средношколците во третата година на Економска-правна и трговска струка. Во него, покрај грешките „општо-стручнато“ и „објаснувње“ згрешен е и зборот „Еконимија“. Подолу во предговорот во учебникот се појавуваат уште неколку грешки, за најпосле да заврши со „ке“ наместо „ќе“.
Во учебникот по предметот „Возила и механизација“, од кој се учи во 4-та година од машинска струка, на самиот почеток на предговорот се „пререзентира“ една грешка, додека на самиот крај луѓето кои работеле на учебникот пишуваат „дирекно“ и оваа грешка ја дуплираат веќе во наредниот збор „индирекно“.
Повеќе грешки, на истиот смер има и во учебникот по предметот „Хидропневматска техника“ каде на стартот упорно се греши со зборот „поглавија“, за потоа да се „анализира принципотот“ и на крајот да биде заборавено удвоеното „т“ во зборовите „деветата“ и „десетата“.
Во учебникот „Процесна контрола“ од Хемиско-технолошка струка, не беше потребно многу за да се дојде до првата грешка. Грешката е направена веднаш по името на предметот, во самата струка, каде стои „прехрамбен“ техничар.
Иста грешка има и во учебникот „Биохемија“ за трета година на Здравствена струка, каде во предговорот дополнително е згрешен и зборот „физиолофијата“, најверојатно мислејќи на физиологијата.
При нашата проверка забележавме дека во десетици учебници се појавува грешка кај издавачот, каде е напишано „Министерство за образование и наука за Република Македонија“, што доведува до претпоставка дека грешката најверојатно се провлекувала при копирањето на текстот во процесот на изработката на учебникот, а имаше и примери каде е згрешено и името на министерството.
При нашиот преглед забележавме и дека учебниците од некои струки имаат повеќе грешки во споредба со други. Скоро и да немаше грешка во предговорите на учебниците од електротехничката, геолошко рударската и металуршката струка, ниту пак кај графичката струка и струката по лични услуги. Но, истовремено, грешки често се јавуваа во учебниците од машинската и економско правната и трговска струка. Дел од учебниците имаат многу мали тиражи, од 15 до 20 примероци, но дел од учебниците биле испечатени и во неколку стотици примероци.
Наидовме и на зборови како „завзема“, „докоментиран“, „замја“ или „поглавие“, а во продолжение ви прикажуваме повеќе примери на грешки кои ги забележавме:
Министерството за образование и наука во вторникот објави конкурс за издавање вкупно 55 нови учебници од 14 сектори и струки. Надоместоците за преносот на авторското право се движат во износ од 235 до 272 илјади денари по учебник.
Судејќи по големиот број грешки во постојните учебници, кои ги забележавме само во предговорите на македонски јазик, без воопшто да навлегуваме во суштинскиот материјал од кој учат средношколците, се отвора прашањето за тоа колку се води сметка за квалитетот и контролата на содржината на овие изданија.
Даниел Евросимоски