Доктор Пол Хорнби: Ако канабисот не беше безбеден, целото мое семејство ќе беше мртво, вклучително и кучето

Собираме податоци и гледаме дека кај различни групи луѓе од Шпанија, Израел, Македонија, Хрватска, Канада… има 80% намалување во зачестеноста на епилептични напади, особено кај деца кои почнале на користат екстракт од канабис. Намалувањето варира од 5, 20, 30 проценти, па се’ до целосно исчезнување. Ако растете коноп во Македонија преку екстракт – канабидол (ЦБД, кое го има во растението канабис што расте низ земјава н.з.) можете самите да ја намалите фреквенцијата на нападите. Ако канабисот не беше безбеден, целото мое семејство ќе беше мртво, вклучително и кучето, рече доктор Пол Хорнби пред присутните на јавната дебата „Коноп 1000 зошто, 1001 затоа“.

Јавниот настан во организација на Здружението „Зелена алтернатива“ се оддржа под отворено небо, за прв пат на „Школка“ во Градски парк. На трибината се отвори можност за соединување на сите оние кои секојдневно истражуваат, користат, се лекуваат, препишуваат и произведуваат екстракти од канабис.

Меѓу граѓаните беа присутни лица со најразлични здравствени состојби. Секој со својот проблем. Се распрашуваа за начинот на употреба на канабисот, за концентрациите, како и каде да се набави. Говорите и интеракцијата се одвиваше неколку часови во официјалниот дел, но некои граѓани запишуваа броеви и податоци и за време на паузата. Сите беа тука да разменат искуства за лековитото својство од канабисот. Да помогнат или да си помогнат.

Пол Хорнби зборува на трибината „Коноп 1000 зошто, 1001 затоа“

Истражувачот и доктор Пол Хорнби од Канада раскажа искуство од Ванкувер.

„Пет години работев во лабораторија, дизпанзер за препарати од канабис и имав можност да посведочам 40-ина илјади корисници. Околу 80 % ги земаа лекарствата за хронична болка, која е една од најзастапените состојби што се третира со канабис. Запознав и голем број луѓе кои третираат карцином со канабис. Тој го подобрува и нивниот квалитет на живот. Истовремено и епилепсијата е нарушување за кое гледаме дека канабисот има забележително делување“, рече Хорнби кој е претседател на Hedron Analytical Inc., British Columbia од Ванкувер.

Сподели и непријатно искуство од Шпанија, каде минатата година паднал од балкон и завршил со скршеници на лактот и ногата. За артритичната болка единствено користел висока концентрација на ЦБД во капсули. Мешавина на висока концентрација на канабидиол и еден терпенин што значително помага за воспаление, и помалку од 4% ТХЦ. Сите овие состојки, вели тој, делуваат заедно за да му го овозможат потребното заздравување.

„Во однос на карциномите, неодамна работев со два случаи. Еден во Зимвабве, со дете со пигментозно нарушување, што го прави хиперсензитивен на ултравиолетова светлина и веднаш добива канцер на кожата. Почнавме третман со супозитории со висока концентрација на ТХЦ пред еден месец. Детето беше со голем тумор на усната, но пред неколку денови скоро и да го снема. Исто така, работам со жена во Флорида со рак на белите дробови, четврти стадиум, кој што метастазираше во абдоменот. И неа исто така ја третираме со висока концентрација на ТХЦ, но туморите продолжуваат да растат.

Поентата ми е дека кај некои лица се забележува значителна промена, а кај некои не. Кај некои побавни резултати, кај други побрзо. Како што кажува доктор Лумир Хануш: ‘Не знаеме каква ќе биде реакцијата кај секој поединец, меѓутоа јас канабисот прво би го пробал како лекарство’“, нагласи Хорнби.

За терапиите на карциномот се надоврза Роберт Меламед од САД. На средба со активисти од целиот свет во Прага размениле информации, различни процедури и начини на третман, а збирно процениле дека стапката на преживување е 80%, и тоа кај пациенти со неуспешна хемотерапија и радиотерапија.

Роберт Меламед

„Конвенционалните научници се лутат на мене бидејќи велат дека ‘не е докажано дека лечи’. Гледаме илјадници успешни случаи низ светот, што за мене тоа е доказ. Прашањето е зошто не се возбудени за овие примери, зошто не сакаат повеќе да се вклучат, зошто не се присутни овде?“, праша Меламед кој е познат како водечки авторитет за терапевтска употреба на канабисот и е автор на десетици списанија.

Според него, постојат многу начини да се користи канабис. Но, она што е важно да се напомене е дека не делува како ниту еден друг лек што се користи.

„Еден начин да се гледа на појавата на разни болести кои ги мачат луѓето е, практично, недостатокот на оваа хранлива материја од канабисот. Што се однесува до ‘зависноста’… Еве да речеме, ако стареете и употребите канабис за подобрување на состојбата, а потоа таа ви се влошува ако прекинете со канабисот, дали тоа значи дека сте се ‘навлекле’ или е паметно да се користи лекот за да ви биде подобро?“, вели тој.

Факт е дека секој од нас има ендоканабиноиден систем. Во секој од нас, нагласува Меламед, од зачнување до смртта, се одвиваат процеси на лачење на канабоноиди. Имунолошки систем, системот за варење, системот за крвоток, мускулите, репродуктивниот систем.. Сите тие се регулираат од ендоканабиноидите.

За разлика од конвенционалните фармацевтски препарати, нагласува дека нема смртна доза од канабис. Буквално е 1.000 пати побезбеден од „Аспирин“, вели тој, а на страна што ве лекува, има еден „застрашувачки нус-ефект“ – ве опушта и прави среќни.

„Секогаш кога некој ќе огладни, неговиот мозок лачи канабис и кај себе предизвикува карактеристична глад. Апсолутната апсурдност на режимите за забрана е тоа што психоактивните состојки на канабисот се наоѓаат во мајчиното млеко. Мајката најпрво на новороденчето го ‘опива’, го опушта, а потоа му предизвикува глад. Секој што видел подоено дете ги познава тие обесени, крупни образи и како заспива тоa бебе. Па, практично, властите кои одат против канабисот – одат против божјата волја, бидејќи овие состојки се во мајчиното млеко. Бидејќи доаѓам од САД, сакам да прашам: дали да ги уапсиме сите мајки зашто ги ‘опиваат’ своите деца со канабис, или треба на сите жени да им изречеме глоби за употреба на разни препарати?“, праша Меламед.


Меламед нагласи дека е научник, истовремено и пациент. Има доста потешкотии со болка. Еден ден ќе биде 70 години, дополнува тој, a користа канабис 53, што значи „полесно ми е со болката, но истовремено тоа е лекарство што го продолжува животот“.

„Канабисот е класифициран како ‘еуфорик’, нешто што те прави среќен. Значи, имаме нешто што се наоѓа во мајчиното млеко, регулира се’ во вашето тело, со ‘нус-појава ‘ која нè прави среќни, но притоа сè уште постојат влади кои го прават нелегален. Буквално нè убиваат, нè трујат, принудувајќи нè да употребуваме фармацевтски препарати со ужасни контраиндикации, бидејќи владите низ светот се корумпирани и ‘лежат во кревет’ со било кој што прави пари. Се надевам сите тука ќе ги проширите информациите и ставовите кај луѓето околу вас. Мора да се бориме и заземеме став, треба да го олесниме пристапот до овие соединенија кои помагаат при малигни заболувања, мултиплекс склероза, артритис и голем број други здравстени состојби“, апелираше Меламед.

Давор Ангеловски, активист од Здружението „Зелена алтернатива“ пред присутните сподели искуства во лекувањето на деца со попреченост во развојот, разни проблеми во однесувањето, аутизам, церебрална парализа…

Според Ангеловски, прво нешто кога ќе се спомене „деца и канабис“ обично се помислува на третман на епилепсија, но проблем било што до пред некој период не беа достапни маслата со ЦБД. Сепак сега има огромно подобрување. И во овие случаи важно е индивидуалното дозирање. Не секогаш треба да се цели кон голема доза, туку она што одговара на пациентот. Нема негативни ефекти, многу е безбедно, а истовремено, вели тој, со огромен бенефит.

Давор Ангеловски (средина) во разговор со граѓани

„Се работи за состојба без стандардна терапија и каде нема бенефити од конвенционалната терапија. Имаме деца кои пред шест месеци буквално се самоповредуваа, со циклуси од неколку часови да се удираат по глава. Други деца се агресивни кон надвор, кон најблиските и околината. Можам да кажам дека значително се намалени, а кај некои исчезнати овие симптоми“, нагласи Ангеловски.

Претставникот од „Зелена алтернатива“ ги повика сите да се охрабрат, повторувајќи дека се работи за микродозирање. Да не се разочаруваат доколку во првите неколку денови нема видливи резултати. Се работи за индивидуален прогрес, особено побавно оди кај децата со физички недостаток во развојот, отколку кај оние со аутистичен спектар на симптоми, церебрална парализа.

„Драго ми е што меѓу вас гледам луѓе што веќе ги имам третирано. Тука сме за помош“, потенцираше Ангеловски.

Во однос на законот со кој се регулира медицинската употреба на канабисот, нагласи дека е добра основа, но треба уште многу да се работи на него. Особено доколку по кризата се откочат институциите и ресорното министерство покаже добра волја за соработка околу условите, начинот на одгледување, личната употреба итн.

Инаку, во Градски парк беа најавени и Лумир Хануш од Израел и докторите Нико БеќароскиМилан Ристевски и Аспазија Софијанова. Никој од нив не се појави. „Зелена алтернатива“ смета дека дел оправдано, а дел неоправдано не дошле на јавната дебата.

„За Ристевски и Софијанова како Здружение мораме да истакнеме дека се работи за крајно безобразно, некултурно однесување. Особено ако се земе в предвид дека доктори можеа да дојдат од Канада и Колорадо, а нашите (домашни доктори н.з.) не се појавија, не нè испочитуваа. Голема срамота од македонските доктори. Со тоа ни дадоа шанса да видиме кои доктори навистина сакаат да соработуваат за канабис. Па веќе идната дебата во септември ќе биде само со домашни доктори кои во меѓувреме се пријавија и ќе можеме поубаво да го поминеме делот со препишувањето, достапноста на лекот и нивните дилеми. Ќе може да дискутираме со други доктори, онколози, невролози, специјалисти“, најави Ангеловски.

 

Бојан Шашевски